
Барди: Победата е наша единствена цел против Лихтенштајн
Македонската фудбалска А репрезентација утре (недела) од 18.00 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе го пречека Лихтенштајн во рамки на квалификациите за Светското првенство.
Препорачано
Нашиот национален тим ќе се обиде да стигне до домашна победа во циклусот, по реми натпреварите со Велс и Белгија.
На официјалната прес-конференција селекторот Благоја Милевски истакна дека Македонија е фаворит на хартија, но предупреди дека тоа мора да се докаже и на теренот:
– Сите играчи се здрави и подготвени. Имаме максимален респект за Лихтенштајн и воопшто нема да биде лесно. Додека сум селектор, никогаш нема да потценам ниту еден противник. Нашата цел е јасна, три бода кои се исклучително важни во моментов, Задоволен сум од изданието на фудбалерите кои дебитираа против Саудиска Арабија. Лука Станковски, Елмин Растодер и Решат Рамадани покажаа дека имаат квалитет и се разбира дека сметаме на нив и на натпреварите за бодови – рече Милевски.

Капитенот Енис Барди, кој исто така се обрати пред медиумите, додаде:
– Мислам дека ќе имаме тежок натпревар, така беше и во Вадуц додека не го отворивме резултатот. Сите сме свесни што нè очекува, направивме анализа и знаеме што треба да поправиме. Подготвени сме за дуелот, а три бода можат многу да ни значат за да го завршиме овој прозорец на првото место. Секогаш кога играме за Македонија мотив не е потребен, победата е нашата единствена цел – изјави Барди.
По гостувањето во Вадуц, каде Македонија славеше со 0:3, ова ќе биде втора пресметка со Лихтенштајн во групата, а за нашата селекција и шанса да ја израдува домашната публика со цел плен.