
Бактеријата ешерихија доаѓа од употребата на компост во органските моркови во Америка
Како што пренесува Скај Њус, инфекцијата предизвикана од органски моркови досега е забележана во 18 американски држави. Од заразените со бактеријата ешерихија коли, 15 завршиле во болница откако јаделе моркови што ги продавала „Гримвејс фармс“ со седиште во Калифорнија. Најголем број заболени се од Њујорк, Минесота, Вашингтон, Калифорнија и Орегон. Медиумите јавуваат дека производителот отповикал моркови кои се продаваат под неколку марки низ САД, пишува Политика. Иако предметниот производ е повлечен од продавниците, Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) ги предупредија граѓаните да ги проверат своите фрижидери и замрзнувачи и да ги фрлат сите потенцијално заразени моркови.
Препорачано
Надлежните изјавија дека овој производ што го продава „Гримвеј фармс“ во супермаркетите, веројатно веќе го нема во продавниците, но сè уште е во домовите и треба да се фрли или да се врати во продавниците и да им бидат вратени парите. ЦДЦ соопшти дека отповиканите органски моркови немаат испечатен датум на употреба на пакувањето, но биле достапни за купување од 14 август до 23 октомври. Од продажба се повлечени и органските бебешки моркови. Експертите ги повикаа потрошувачите да ја исчистат и дезинфицираат секоја површина што можеби ја допреле откако ќе ги фрлат заразените моркови.
Симптомите на ешерихија обично започнуваат три до четири дена по консумирањето на бактеријата и вклучуваат тешки стомачни грчеви, дијареа и повраќање. По овој инцидент, потрошувачите најмногу беа изненадени што бактеријата е пронајдена во органски производ. Како што објави Си-ен-ен, за земјоделските производи, како што се овошјето и зеленчукот, да добијат органска сертификација од Министерството за земјоделство на САД, одгледувачите треба да избегнуваат употреба на препарати што се користат во конвенционалното производство за борба против штетници, плевел и растителни болести.
Сè уште не е официјално објавено како дошло до овој инцидент, но д-р Никол Ајовин, специјалист за заразни болести и главен болнички епидемиолог на Универзитетот во Флорида, објасни една можна причина. Како што истакна, органските фарми користат компост или ѓубриво почесто од комерцијалните ѓубрива. Ако компостот не се обработи правилно за да преживеат патогените природно присутни во изметот на животните, почвата може да се контаминира, како и зеленчукот или овошјето одгледувани на такво обработливо земјиште.