
Бајден и Сунак на средба во Белфаст
Американскиот претседател Џо Бајден денеска во Белфаст ќе се сретне со британскиот премиер Риши Сунак и со северноирските политички лидери, со што ќе ја започне тридневната турнеја низ Ирска со говор по повод 25-годишнината од Договорот од Велики петок. Бајден, горд на своето ирско потекло, ќе помине нешто повеќе од половина ден во Северна Ирска, а потоа ќе помине два и пол дена во Република Ирска, каде ќе се сретне со официјални лица и со своето пошироко семејство.
Препорачано
Зборувајќи со новинарите пред да замине од Вашингтон, Бајден рече дека негов приоритет е да помогне во „зачувување на мирот“ бидејќи Северна Ирска ја одбележува годишнината од Договорот од Велики петок од 1998 година, со кој заврши тридецениското крвопролевање меѓу главно католичките противници и главно протестантските поддржувачи на британската власт.
Бајден, исто така, ќе се обиде да обезбеди зачувување на неодамнешниот договор, Рамката Виндзор, меѓу Европската унија и Велика Британија, која ги олесни трговските бариери меѓу Северна Ирска, Ирска и остатокот од Обединетото Кралство по Брегзит.
Договорот досега не успеа да ја натера најголемата пробританска партија во регионот, Демократската унионистичка партија (ДУП), да го прекине бојкотот на пренесената влада, клучен дел од мировниот договор од 1998 година.
ДУП соопшти дека пристигнувањето на Бајден, прва посета на американски претседател на регионот во една деценија, нема да го зголеми притисокот за партијата да го прекине својот повеќе од едногодишен протест против трговските правила, кои ја третираат Северна Ирска поинаку од остатокот од ОК.
Иако се очекува Бајден да се сретне со претставниците на ДУП и другите четири главни северноирски политички партии, не е јасно дали ќе има одвоени средби. Бајден, заедно со новиот американски специјален пратеник за Северна Ирска за економски прашања Џозеф Кенеди Трети, ќе го претстави предлогот за посилни инвестициски врски меѓу САД и Северна Ирска за да се обиде да изврши притисок за решавање на спорот.
По говорот на Универзитетот Алстер и средбата со Сунак, Бајден ќе отпатува во округот Лаут, на половина пат помеѓу Белфаст и Даблин, каде што е роден неговиот прадедо. Во среда се очекува невреме низ островот. Бајден во петок ќе се сретне со роднините од другата страна на неговото семејство во западниот округ Мајо.
Семејството на Бајден емигрирало во Соединетите држави во 1849 година.