Постер за изложбата на македонски музички плакат

„Баги комуникации“ ќе изложи своевидна ретроспектива на музичкиот живот на Скопје во Музејот на град Скопје

Во Музејот на град Скопје, на 28 ноември, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложба на музички плакати, своевидна ретроспектива на музичкиот живот на главниот град. На изложбата ќе бидат прикажани повеќе од 80 плакати, кои сведочат за најзначајните концерти, фестивали, музички групи и артисти што ја креирале урбаната музичка сцена на Скопје во последните триесет години.

Изложбата е во организација на „Баги комуникации“ и е уникатна можност да се потсетиме на важни моменти од музичката историја на нашиот град, преку визуелни спомени.

– Музиката е прозорец во душата на еден град. Оваа изложба е можност да се навратиме на најубавите моменти што ги носи музиката, за да ги оживееме спомените на луѓето, местата и времињата што ја обликуваа музичката сцена на Скопје. Ги покануваме сите љубители заедно да се потсетиме на моментите кои ја создавале урбаната душа на нашиот град – истакнува Владимир Мандичевски Манде, организатор на изложбата.

Отворањето на изложбата ќе биде збогатено со настап на пијанистот Бобан Мирковски и гитаристот Мухамед Ибрахими. Исто така, во соработка со неколку средни училишта во Скопје, ќе бидат организирани посети на учениците, со цел младите да се запознаат со музичката историја на својот град и да го почувствуваат влијанието на музиката како важен дел од урбаната култура. Изложбата е помогната од Град Скопје, ќе биде поставена до 7 декември и е бесплатна за сите посетители.

– За мене ова не е само изложба, туку благодарност и признание за сите уметници, артисти, групи, менаџери кои го создаваа музичкиот идентитет на Скопје. Секој плакат на оваа изложба раскажува приказна и ја чува историјата на урбаната култура. Ќе ми биде чест да ја споделам со сите оние кои сакаат да ја почувствуваат душата на Скопје преку музиката – додава Манде од „Баги комуникации“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 257, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.11.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот