Адриен Броди / Мајки Медисон / Едвард Бергер / Фото: Profimedia / EPA

БАФТА 2025: „Конклава“ и „Бруталистот“ триумфираа на британските филмски награди

Синоќа се одржа 78. доделување на филмските награди на Британската академија за филм и телевизија – БАФТА.  На церемонијата, чиј домаќин беше шкотскиот актер Дејвид Тенант, триумфираа филмoвите „Конклава“  и „Бруталистот“.

Филмот „Конклава“ имаше најмногу номинации во пресрет на церемонијата, дури 12. По него следуваа „Емилија Перез“ со 11 номинации и „Бруталистот“ со 9 номинации.

Вечерта за филмската екипа на „Конклава“ заврши со вкупно четири награди, меѓу кои, за главната категорија – најдобар филм, а исто толку награди доби и филмот „Бруталистот“.

Германскиот режисер Едвард Бергер позира со наградата за најдобар филм / Фото: EPA-EFE/TOLGA AKMEN

Најголемото изненадување на вечерта беше победата на Мајки Медисон во категоријата за најдобра женска улога во филмот „Анора“.

Во сценариото повторено од Златните глобуси, Адриен Броди беше награден за најдобра главна машка улога за филмот „Бруталистот“. Во категориите најдобри споредни улоги, наградени беа Зои Салдана за улогата во филмот „Емилија Перез“ и Киеран Калкин за филмот „Вистинска болка“.

Адријан Броди со наградата за најдобра машка улога / Фото: Doug Peters / PA Images / Profimedia

Исто така, Брејди Корбет победи во категоријата за најдобар режисер благодарение на филмот „Бруталистот“.

Мајки Медисон со наградата за најдобра главна женска улога / Фото: EPA-EFE/TOLGA AKMEN

Актерот и режисер Џеси Ајзенберг, ја доби наградата за најдобро оригинално сценарио за филмот „Вистинска болка“.

Брејди Корбет со наградата за најдобар режисер / Фото: EPA-EFE/TOLGA AKMEN

За извонредно дебитантско дело на британски автори, наградата му припадна на Рич Пепиат за филмот „Никеп“, кој исто така освои награда на минатогодишниот фестивал „Санденс“. Тоа е и најуспешниот дебитантски филм во историјата на наградата со шест номинации. Наградата за ѕвезда во подем која ја додели публиката му припадна на актерот Дејвид Џонсон.

Зои Салдана со наградата за најдобра споредна женска улога / Фото: EPA-EFE/TOLGA AKMEN

Принцот Вилијам и принцезата Кејт Мидлтон ја пропуштија церемонијата на доделување награди оваа година, а меѓу забележителните отсуства на доделување на наградите беше она на актерката Карла Софија Гаскон, која влезе во историјата како првата транс жена номинирана за најдобра главна женска улога.

Последните недели таа беше мета на бројни критики откако се појавија нејзините стари објави со несоодветна содржина, па наиде на осуда од дел од филмските ентузијасти, кои дури побараа отстранување од трката за Оскар. Но, режисерот Жак Одиар ја поддржа во неговиот говор откако на филмот „Емилија Перез“ му беше доделена наградата за најдобар странски филм.

Победниците во сите категории можете да ги прочитате тука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот