
Бадентеровото мнозинство ќе остане „нереконструирано“
Веќе е извесно дека измените на Изборниот законик, на Законот за локална самоуправа, изборот на Народен правобранител власта не можат да поминат без мнозинството гласови на помалите заедници, па оттука ниту најавената реконструкција на Владата не се очекува да смени нешто повеќе.
Независните кандидати дефинитивно на локалните избори ќе може да учествуваат со само два собрани потписи, бидејќи власта нема да направи обид да обезбеди Бадентерово мнозинство за да се усвојат измените на Изборниот законик до почетокот на изборната кампања, на 29 септември. И новите градоначалници ќе имаат сигурен мандат од четири години, односно граѓаните не ќе може на референдум да ги сменат, без разлика дали се незадоволни од нивната работа, зашто е блокиран законот за локална самоуправа. Без Народен правобранител не само што ќе поминат локалните изборите, туку е можно власта без омбудсман да истурка цел мандат, вклучително и парламентарните избори, без оглед дали тие ќе бидат редовни или предвремени.
Овие битни закони власта не може да ги донесе, бидејќи нема Бадентерово мнозинство во Собранието, па оттука ниту најавената реконструкција на Владата не се очекува да смени нешто кога станува збор за гласањето закони и избор на функционери кои не можат да поминат без мнозинството гласови на помалите заедници.
Препорачано
Гаши закажа две седници, но законите не се на дневен ред
Претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите, по враќањето на пратениците од годишниот одмор, информира дека до почетокот на изборната кампања ќе има две пленарни седници кои треба да се одржат на 2 септември и на 12 септември, но дека на ниту една на дневен ред не се споменатите закони. Тој потврди дека ниту еден шеф на парламентарните групи на координација не го спомнал Изборниот законик. На последната седница пред изборите, во агендата се опозициските прашања, но и декларацијата за фер и демократски избори која Гаши веќе ја споделил до координаторите и која очекува да биде потпишана од сите 120 пратеници.
– Ниту еден координатор не најави дека има разговори за Изборниот законик. За жал, така ќе одиме на избори – со упатството на ДИК независните да соберат два потписи за кандидатура – вели Гаши.
Претседателот на Собранието вели дека имало координација и обид Изборниот законик да помине и седницата да не пропадне, но дека власта не успеала да обезбеди Бадентерово мнозинство, односно не доби поддршка од ДУИ.
– Имаше обид заеднички да го донесеме, имаше комуникација со сите партии. Прекршив и свикав седница за да покажеме дека Собранието прави обид Изборниот законик да помине, но и да се види кој е „за“, а кој го блокира законот. Сакавме да ги искористиме сите можности, тоа беше интенцијата. Имаше амандман од Левица прагот за потписи да се спушти на 0,5 отсто, но не успеавме. Граѓаните очекуваа законот да се донесе, а и институциите вршеа притисок Собранието да се изјасни – рече Гаши и негираше дека седницата ја свикал заради политички маркетинг.
Гаши е дециден дека Собранието направило сè Изборниот законик да помине, а за можноста изборите да пропаднат вели дека секој има право да го оспори изборниот процес. Во таков случај, вели тој, ќе треба да одлучува Уставниот суд.
– Ние направивме сè што можеме. Не сакам да навлегувам во судскиот дел. Ако тие донесат одлука, ние ќе ја почитуваме, но мислам дека се почитуваат сите правила на игра. Со тој Изборен законик што го имаме ќе одиме на избори. Гледаме и преку декларацијата да направиме сè што можеме да додадеме дополнителна вредност и да повикаме на фер и демократски избори – вели Гаши.
Новите градоначалници не треба да се плашат од отповикување
Освен Изборниот законик, власта не обезбеди Бадентерово мнозинство ниту за Законот за локална самоуправа. Гаши вели ако обезбедат „двојно гласање“, ќе го стави на дневен ред на пленарна седница пред изборите. Во спротивно, за новите градоначалници нема да важи одредбата дека граѓаните ќе може да ги отповикаат на референдум, бидејќи законот ќе важи за следните локални избори во 2029 година. Ова може да биде пречка и Градот да добие градски архитект и комунална полиција.
Собранискиот спикер потврдува дека немаат Бадентерово мнозинство ниту за избор на народен правобранител, битна фунција во изборниот процес.
– За Народниот правобранител ќе треба договор и ќе треба да отвориме дискусија со парламентарните партии, да видиме дали може да се договориме за предложеното име. Ако не, дали може да има договор за друг предлог, но и за тоа треба да се изјаснат пратениците од немнозинските заедници. Работа на Комисијата за избори и именувања е да ја разреши дилемата за веќе предложеното име, или пак проблемот е концептуален, зашто сакаат да покажат дека некој има некое поинакво мнозинство. Ако е проблем само името на кандидатот, сметам дека треба да се седне и да се разговара. Не треба да се инсистира на веќе предложеното име. Како држава треба да избереме Народен правобранител што поскоро – вели Гаши.
Опозициската ДУИ и за Народниот правобранител одбива да обезбеди Бадентерово мнозинство и обвини дека станува збор за партиски предлог. Гаши одби да прогнозира дали реконструкцијата на Владата која премиерот Христијан Мицкоски ја најави по локалните избори, ќе биде во ноември.
Тој на новинарско прашање дали има сознанија за тајно сценарио меѓу опозициските СДСМ и ДУИ за предизвикување хаос на изборите, како што рече Мицкоски, вели дека такви информации не стигнале до него.
– Но ако има такви индиции, декларацијата би била уште една потврда партиите да се обврзат на фер и демократски избори. Проблемот е што ние секои избори ги правиме како да се последни, како да се за живот или смрт – рече Гаши.