
Азискиот гепард пред изумирање, во дивината во Иран ги има само 12
Само 12 азиски гепарди се останати во дивината во Иран во споредба со околу 50 единки кои живееле таму во 2017 година, предупреди заменик министерот за животна средина на таа земја, оценувајќи ја ситуацијата како многу критична бидејќи се работи за загрозен вид на кој му се заканува исчезнување.
Препорачано
„Во моментов на подрачјето на Иран имаме само девет мажјаци и три женки на азиски гепард во споредба со стоте што живееле овде во 2010 година“, рече Хасан Акбари.
Во изјава за новинската агенција Тасним, Акбари изјави дека тие веќе презеле мерки за да ја зголемат нивната заштита и да ја поттикнат репродукцијата, пренесува Франс24.
Ним им се закануваат суши, лов, сообраќајни несреќи …
Еколошките здруженија велат дека најбрзото копнено животно во светот, кое може да достигне брзина од 120 километри на час, е жртва на сушите, прекумерниот лов, уништувањето на живеалиштата и недостигот на храна, а многумина често се прегазувани од автомобилите, особено во пустината во централен Иран, каде обично се населуваат овие животни.
Иранското здружение за заштита на гепарди објави дека денес единствените преостанати живеалишта на овие прекрасни диви мачки се засолништето за диви животни Миандашт и резерватот Туран во североисточен Иран.
Азиските гепарди некогаш живееле на пасиштата на Индија, Пакистан, Русија и на Блискиот Исток, но и таму изумреле. Во Иран останаа само неколку. Овој вид гепард е малку поинаков од оној што живее во јужна Африка, но тие практично исчезнаа и од Северна Африка и Азија.
Револуционерниот суд ги затвори еколозите
Подвидот Acinonyx jubatus venaticus, попознат како азиски гепард, е критично загрозен, предупреди Меѓународната унија за зачувување на природата.
Иран, една од последните земји во светот каде азискиот гепард живее во дивината, започна програма за зачувување поддржана од Обединетите нации во 2001 година.
Во 2014 година, фудбалската репрезентација ги украси своите дресови со слики од азискиот гепард и со нив настапуваше на Светското првенство.
Иранската влада беше критикувана од домашни и странски експерти кога револуционерниот суд во ноември 2019 година затвори најмалку шест експерти за животна средина, членови на персиската фондација за наследство на дивиот свет, локална фондација фокусирана на заштита на биолошката разновидност, особено на азиските гепарди.