
„Ауфидерзен, Фолксваген“: 20.000 работници си одат, добија „мрсни“ отпремнини
Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ објави дека 20.000 негови вработени се согласиле спогодбено да ја напуштат компанијата и веќе потпишале договори за отпремнини и до 400.000 евра, пренесе „Automotive World“.
Препорачано
Како што е соопштено, околу две третини од намалувањето на бројот на работници отпаѓа на програмата на „Фолксваген“ за предвремено пензионирање, која е дел од драстичните мерки за штедење што ги презема компанијата, соочена со големи предизвици. Според овие мерки, компанијата со седиште во Волфсбург треба се ослободи од вкупно околу 35.000 работници, главно од фабриките во матичната земја.
Исплатите за отпремнина за засегнатите работници зависат од должината на работниот стаж и би можеле да достигнат до 400.000 евра по вработен, пишуваат германските медиуми.
Менаџментот на „Фолксваген“ и синдикатите кон крајот на 2024 година се согласија за мерки за заштеда за основниот бренд „Фолксваген“ кои предвидуваат намалување на трошоците за работна сила од 1,5 милијарда евра годишно.
Компанијата, исто така, најави дополнителни мерки за заштеда, така што од 2026 година бројот на годишни места за обука ќе се намали од 1.400 на 600, додека 130.000 работници од брендот „Фолксваген“ ќе мора да се согласат на период без вистинско зголемување на платата.
Планирано е пет проценти од заработката да бидат пренасочени кон фонд за флексибилни модели на работа, а годишниот бонус од 1.290 евра се укинува.
Моќниот синдикат ИГ Метал тврди дека оваа договорена стратегија засега го спречила затворањето на фабриките на „Фолксваген“, но останува неизвесно дали ова ветување може да се одржи поради долгорочната криза во германската автомобилска индустрија, додава германскиот весник.