Груби Беџети Фото: Слободен печат

Артан Груби и Енвер Беџети на црната листа на САД – најматен настан во декември според Транспаренси интернешнл-Македонија

Како дел од проектот „Бистро-матно“ за редовни месечни и годишни анкети за корупција, „Транспаренси интернешнл – Македонија“, ги објави настаните кои беа актуелни во декември.

Како дел од „матните“ настани во месец декември предничи вметнувањето на поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби и судијата во Апелацискиот суд Енвер Беџети на „црната листа“ на Стејт департментот.

„Според соопштението на американското Министерство за надворешни работи, двајцата биле вмешани во „значителна корупција“ со прифаќање мито за уривање на судските процеси против поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Мијалков, меѓу првите, уште во 2022 година се најде на црната листа на САД, исто така поради корупција. На најновата листа се најдоа и членовите на најтесното семејство на Артан Груби. Согласно одлуката, Груби и Беџети нема да смеат да влегуваат во САД, а визите, доколку ги имаат, ќе им бидат поништени“, велат од Транспаренси.

Како втор најматен настан за декември е немањето на конфликт на интерес тоа што антикорупционерката која го водеше случајот за директорот на АНБ била наставник на факултетот чија диплома му беше оспорена со преставка.

„Приватниот универзитет „Скопје“, поранешен Универзитет за туризам и менаџмент ја отстрани сликата на Цвета Ристовска, која е членка на Државната комисија за спречување на корупција од списокот на наставен кадар, откако ТВ „Телма“ постави прашања дали е конфликт на интерес тоа што баш Ристовска го водеше предметот за директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски. Неколку часа подоцна, Универзитетот ја врати сликата на Ристовска на страната каде што е објавен наставниот кадар. Дел од предметот за Бојан Христовски беше и претставка за неговата факултетска диплома, добиена на факултет и универзитет каде во тоа време дел од наставен кадар била токму Цвета Ристовска. Токму нејзе ѝ бил доделен предметот за директорот на АНБ, во кој по анонимна претставка беше оспорена и факултетската диплома на Универзитетот „Скопје“. Таа на седницата на Антикорупциска рече дека случајот е чист според известувањето на Просветниот инспекторат“, се вели во соопштението на Транспаренси.

Како трет „матен“ настан за декември е отпочната постапка против осум лица кои се осомничени за злоупотреби при јавна набавка во Дирекцијата за ТИРЗ.

„Државниот завод за ревизија ги објави конечните ревизорски извештаи на Основниот кривичен суд Скопје. Клучни утврдени состојби: Отсуство на веродостојни, вистинити и уредени сметководствени документи за потврда на правото на користење на старата зграда на судот, како и недвижни ствари кои не се евидентирани во сметководствената евиденција поради неизвршено примопредавање на истите; Невоспоставена евиденција за одземените парични средства и скапоцености и други одземени предмети и неизвршен попис на истите; Комисијата за преглед на севкупното работење не извршила целосен преглед на средствата за депозитите за 2023 година, и не е спроведен надзор на севкупното финансиско и материјално работење и Евиденција на судски депозити кои не се гаранции туку уплати по друг основ за кои судот нема податоци за основ на истите, како и отсуство на податоци за статусот на предметите на судските депозити, завршени /незавршени“, информираат од Транспаренси.

Исто така како дел од матните настани е и анализата на Центарот за граѓански комуникации во кои се потенцира дека одатоците од регистарот на вистински сопственици во земјава не се користат за борба против корупцијата.

„Центарот за граѓански комуникации, Здружението на даночни советници и Активо ја објавија Анализата на користењето на податоците за вистинските сопственици во борбата против корупцијата во Северна Македонија. Анализата покажа дека: Надлежните институции во земјава малку ги користат податоците за вистинските сопственици во насока на спречување, откривање и санкционирање на перењето пари и во борбата против тероризмот, а се чини, воопшто не ги користат за други цели и за спречување корупција, криминал и злоупотреби во другите области. Институциите и надлежната Управа за финансиско разузнавање имаат различни податоци за бројот на случаи против перењето пари и финансирањето тероризам“, информираат од ДКСК.

Во „бистри“ случаи Транспаренски интернешнл – Македонија е поднесувањето на кривична пријава против 24 лица кои го оштетиле Буџетот за над милион и 500 илјади денари, обвинението за пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Пеце Милевски од Битола кој како директор исплаќал дополнително пари за успешност на врабoтени, а „водовод“ работело со загуби. За „бистар“ настан на Транспаренси го вметнаа и кривичните пријави против двајцатс поранешни директори на Фондот за иновации Коста Петров и Фестим Халили за проневера на својата положба, кривичната пријава за 12 македонски државјани и 1 странец за криумчарење луксузни возила, фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба и кривичната за полициски службеник поради злоупотреба на службена положба

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот