
Арсовски: ЕУ ќе мора да биде порешителна со проширувањето
Европската Унија, сакала или не, ќе мора да биде порешителна со проширувањето, оценува амбасадорот Љупчо Арсовски, запрашан во која насока ќе влијае руската агресија на Украина врз бугарско-македонскиот спор и дали тоа ќе ја забрза европската интеграција, ќе го одложи прашањето или пак ќе придонесе Унијата да ѝ удоволи на Бугарија заради нејзината гео-стратешка важност.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Воените дејствија на територијата на Украина, новопрогласените републики, првата средба меѓу руската и украинската делегација, новите остри и конкретни санкции на САД и западните европски држави против Русија се нови состојби за ЕУ и оттаму природно е дека одредени прашања на дневен ред ќе бидат оставени на „споровозна пруга“. Врзано за македонско-бугарскиот спор кој го наметна Бугарија, факт е дека постои засилување и одреден интензитет на комуникацијата меѓу двете земји, каде, пак, опозициските партии се „загрижени“ за тоа што се подготвува и прашуваат како ќе се надминат неколку прилично чувствителни прашања. Бугарија, која е во првата линија на земји кои преку Црното Море граничат и со Украина и со Русија е на специфичен алертен степен на готовност, особено заради фактот што на нејзината територија своевремено е инсталирана американска база од системот ШТИТ. Истовремено, заради одредени формулации во исказите на актуелниот бугарски министер за одбрана во прашање е неговата натамошна функција, што пак, секако, ќе предизвика и потрес во коалиционата влада. Вреди да се спомне и изјавата на поранешниот бугарски премиер Костов кој смета дека 3 март како национален празник на Бугарија не треба повеќе да се празнува оти е рецидив од минатото кој може да ѝ наштети нна Бугарија. Поделбата на проруски настроени сили и про НАТО и ЕУ во Бугарија, но и во други земји на нашето опкружување може да најави многу несакани настани во иднина и затоа ЕУ сакала или не мора порешително да застане зад одредени процеси, особено во земјите на Западен Балкан кои се определни кон европскиот курс – вели Арсовски за „Слободен печат“.
Во секој случај, вели тој, македонската страна треба со максимална мудрост и решителност да опстои на неколку позиции без непотребно брзање и брзоплети изјави во очекување на заедничкиот европски став за почеток на преговорите.
– Франција, која претседава со Унијата, придружена од Словенија која претходно претседавше и со Чешка, која е следна, ќе треба да вложат максимални напори за безусловно тргање на ветото кое, по наметнатите прашања се коси и не соодветствува токму со критериумите врз кои се заснива самата Унија. Ова дотолку повеќе што нашата земја се наоѓа во интензивни подготвки за преземање на преседавањето со ОБСЕ, што е сериозен аргумент што македноснкиот врв мора благовремено да го искористи – вели Арсовски.