Ѓубре на Партизанска/Фото: Слободен печат

Арсовска за ѓубрето во Скопје го обвинува Управниот одбор на „Комунална“, но законите велат поинаку

Скопје во изминатиов период живее во ѓубре и комунален отпад, а ниту од градоначалничката, ниту од директорот на „Комунална хигиена“ нема објаснување зошто е тоа така. Од таа одговорност не може никој да биде амнестиран, ниту Арсовска, ниту Рустеми, ниту Управниот одбор на претпријатието. Нема оправдување за дното кое го достигна градот во однос на јавната хигиена.

ЈП „Комунална хигиена“ во изминатиот период не работи како што треба и Скопје е преполно со ѓубре. Ова е ставот на граѓаните, но и на градоначалниците, а некои од нив ги ангажираа општинските работници да го завршат тоа што е обврска на градските комуналци.

Градоначалничката Данела Арсовска, преку објава на Фејсбук се обидува одговорноста за состојбата со отпадот во градот да ја префрли само на Управниот одбор на претпријатието со кој, како што вели, четири години управува Јулијана Спировска, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, осудена правосилно за две тешки кривични дела.

Во нејзин препознатлив стил, Арсовска му порачува на Орце Ѓорѓиевски да не прави нарачки и „ако сакал градот да е почист доволно е на нивната партиска другарка Јулијана Спировска да ѝ се јави, па сега немаше да мора да се бори со демони“.

Како што тврди градоначалничката, Спироска за хаосот што го предизвикува во „Комунална хигиена“, ќе биде наградена со советничко место во општина Бутел.

4 години со 500 членови сите Управни одбори, Надзорни одбори и Училишни одбори на скопските јавни претпријатија и установи ви ги управуваат ВМРО и ВЛЕН. Обратете се кај нив за хигиената во градот, вработените во претпријатието и метачите со сите сили макотрпно работат и се борат со партиските демони на суетни самобендисани политичари – вели Арсовска во објавата.

Дека не е баш сѐ така како што тврди градоначалничката доволно е да се погледнат Законот за Град Скопје и Законот за јавни претпријатија. Во првиот Закон, во членот 10, каде се наведени надлежностите на Град Скопје, прецизирано е дека во нив спаѓаат собирање и транспортирање на комуналниот отпад, но и одржување на депониите за комунален и друг вид неопасен отпад.

ФОТО | Скопје длабоко „тоне“ во ѓубре – граѓаните нервозни, улиците смрдливи, отпадот несобран

Во однос на управувањето во Законот за јавни претпријатија се вели дека со работата на претпријатието кое е основано од Градот раководи директор избран од градоначалникот, кој за својата работа одговара пред тој што го избрал. Во случајов, со „Комунална хигиена“ раководи Сабахудим Рустеми од ДУИ, кој за тоа како ја извршува работата ѝ одговара на Арсовска. Во Законот се прецизирани и неговите надлежности.

Со работата на јавното претпријатие, основано од страна на општината, односно градот Скопје, раководи директор што го избира, односно разрешува градоначалникот на општината, односно градот Скопје. Изборот се врши врз основа на јавен конкурс. Директорот на јавното претпријатие го обезбедува спроведувањето на одлуките и заклучоците на управниот одбор, учествува во спроведувањето на основите на програмата за работа и развој, учествуваат во утврдувањето на критериуми за користење и располагање со средствата и употребата на средства остварени со работењето на јавното претпријатие, врши усогласување на деловната активност на јавното претпријатие и врши други извршни работи во врска со работата и работењето на јавното претпријатие утврдени со статутот – се вели во член 23, став 3, од Законот за јавни претпријатија.

Скопје во изминатиов период живее во ѓубре и комунален отпад, а ниту од градоначалничката, ниту од директорот на „Комунална хигиена“ нема објаснување зошто е тоа така. Од претпријатието, на нашите прашања дали немаат доволно механизација, луѓе или гориво и зошто цели населби тонат во ѓубре, добивме одговор дека комуналниот отпад редовно се добира. Дека тоа не е така доволно е да се прошета низ градот. Од таа одговорност не може никој да биде амнестиран, ниту Арсовска, ниту Рустеми, ниту Управниот одбор на претпријатието. Нема оправдување за дното кое го достигна градот во однос на јавната хигиена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот