
ВИДЕО | Арсовска: Инспектор од МВР фатен како „на диво“ користи вода, тој во бес нападна советничка од Градот
Во текот на вчерашниот дел, инспекциска екипа на Градот Скопје фатила див приклучок за вода по што, како што пишува градоначалничката Арсовска, наводниот сторител физички нападнал инспекторка од Градот. Оттаму апелираа и на порационално трошење на вода поради намалениот капацитет на изворот Рашче и додадоа дека овој месец потрошувачката на вода изнесува 700 литри по глава на жител дневно.
Препорачано
-Водата е природен ресурс, не се произведува во фабрика, извира од природата. Не е до мрежата, не е до цевките, едноставно од природниот извор на градот и дополнителниот бунарски систем нема капацитет да извира питка вода колку што дел од жителите трошат. Рашче сред суша со високи температури има намален капацитет, а потрошувачката во изминатиот месец на дневно ниво е рекордни 356.000 кубни метри на ден, што би значело потрошувачка од 700 литри вода по глава на жител- вели Арсовска.
Таа истакна дека секој ден се фаќаат по 30 диви приклучоци кои се користени за наводнување ниви, приклучоци на дивоградби, на полнење базени, за кои не платиле ниту денар.
„Секој ден се фаќаат по 30 диви приклучоци од кои си наводнуваат цели ниви, приклучоци на дивоградби, на полнење базени, истите ни денар не плаќаат затоа нерационално трошат бидејќи ја добиваат за џабе, а МВР не постапува“, вели Арсовска.
Во последниот случај на извршен инспекциски надзор на див приклучок, вчера бил „фатен“ сторител за кој Арсовска вели дека е инспектор Бујо, вработен во Министерството за внатрешни работи, кој ја нападнал советничката Ирена Витина, а според градоначалничката, по нападот не реагирала полицијата која била присутна на терен.
„На последниот случај фатен како прави див приклучок сторител беше извесен инспектор од МВР наречен Бујо, кој во бес дека се фатени сред дело, физички ја нападна советничката во град Скопје Ирена Витина пред очите на неговите колеги од МВР кои не реагираа на нападот, иако истиот беше пред 10 сведоци и целиот настан е снимен од почеток до крај“, вели Арсовска.