
Аптекарот од Онкологија не требало да оди во дневната болница, па прашање е како ја запознал пациентката Минка Веизовска
Во Кривичниот суд продолжи процесот против аптекарот од Онкологија, Калтрин Уштеленца, обвинет дека примил поткуп од сега починатата пациентка Минка Веизовска за да ѝ издаде скапа биолошка терапија „кејтруда“ која таа имала право бесплатно да ја прима како осигуреничка на Фондот за здравство и пациентка со карцином на белите дробови.
Препорачано
Веизовска почина минатиот месец, но три недели претходно даде исказ во судница. Таа рече дека аптекарот Уштеленца кој е на обвинителна клупа, го запознала во дневната болница на Онколгоија, каде не медицинските сестри, туку тој лично ѝ ја носел терапијата, а за возврат таа му давала пари на рака поради тоа што била уценета дека ако не дава пари, нема да има ни терапија. Веизовска рече и дека после некое време почнала да се сомнева оти воопшто не прима терапија туку солена вода.
-Кога почнав да се сомневам дека не ми се дава терапија, тоа ми беше најголемиот проблем а не парите. Истрча аптекарот, ми донесе некоја амбалажичка. Во исто време дојде и една сестра, Јасмина, ме гушна и рече „немој да кажуваш дека ти даваме терапија денеска, ја криевме за тебе“. Ја погледнав терапијата дека нема пенеста состојка во неа, а тој ме убедуваше дека има. Тоа се две ампули што треба да се стават во физиолошки раствор. Треба да пишува „кејтруда“. Немаше име на лекот. Веднаш се јавив кај докторката и ја прапшав, докторке, што зедов јас денеска? Таа ми рече да не паничам, дека примам имунолошка терапија и можеби ја криеле за мене и да имам доверба во нив. Го барав Калтрин, да ми ги покаже скршените ампули „кејтруда“, јас имам право да видам дали навистина ја зедов имунотерапијата или не, но тој кажа дека се фрлени и не знае каде се, изјави Веизовска на рочиштето во октомври годинава.
Во досегашниот тек на судската постапка сведочеше и инспектор од МВР кој истакна дека лично го видел Уштеленца како ја зема банкнотата од Веизовска, ја става во џеб и продолжил да појадува, по што бил лишен од слобода за примање поткуп.
Две вработени на Клиниката за онкологија денеска во судница објаснуваа дека според процедурата за издавање на скапата биолошка терапија „кејтруда“, аптекарот од Клиниката Калтрин Уштеленца, воопшто не би требало да ја напушти аптеката во која работел и не би требало да оди во дневната болница каде терапијата била администрирана на пациентите. Таму според нив требало да бидат само сестрите, а фармацевтските техничари требало да бидат во аптеката која е одделена од дневната болница. Па, се поставува прашањето, како тогаш Веизовска и Уштеленца воопшто стапиле во контакт, ако аптекарот не би требало да ја напушти аптеката?
Сестрата во дневната болница на УКРО Славица Спасовска и раководителката на Клиничката аптека Билјана Настова сведочеа дека аптекарот никогаш не го виделе во дневната болница. Наспроти тоа, Веизовска пред да почине, во суд кажа дека Уштеленца постојано бил во дневната болница и наместо терапијата да ѝ ја носат сестрите, ѝ ја носел тој. Уштеленца се чувствува невин за обвинението кое му се става на товар.
-Лекот „кејтруда“ како биолошка терапија се издава во аптека. Аптеката врши исклучиво магацинска работа врз основа на лекарски извештај напишан од лекарот. Фармацевтскиот техничар го издава лекот согласно тој извештај од лекарот. Притоа изработува електронски излез од аптека и се заведува на кој оддел во болницата завршил лекот. На документот се потпишува и фармацевтскиот техничар што го издава лекот и медицинската сестра што го зема лекот, изјави раководителката на клиничката аптека и надредена на Уштеленца, Настова.
Според неа, фармацевтските техничари немаат улога во тоа да ги спремаат лековите, туку само ги предаваат на соодветниот оддел согласно лекарскиот извештај напишан од специјалистите.
-По правило вработените во аптеката немаат никаков контакт со пациентот. Тоа е воспоставена процедура на работа, додаде Настова и кажа дека до неа никогаш не стигнала ниедна поплака од пациент за работата на Уштеленца.
Прашана дали аптекарот би можел да има пристап до дневната болница, таа се огради.
-Не е во моја ингеренција тоа. Аптеката е изолирана од дневната болница. Тоа се посебни простории. Не можам да знам дали некој влегол или не влегол во дневната болница, додаде Настова.
Медицинската сестра од дневната болница на Онкологија, која таму работи од 2003 година, Славица Спасовска, рече дека „фармацевтите по правило не смеат да влегуваат во дневната болница каде што се спрема терапијата“.
-Таму исклучиво медицинска сестра ја спрема терапијата, рече Спасовска и појасни дека улогата на фармацевтскиот техничар не е да припрема терапија туку само да ја даде на медицинската сестра која потоа ќе ја однесе во дневната болница.
Објаснувајќи ја процедурата за издавање на биолошка терапија во 2022 година, сестрата Спасовска рече дека имало процедура според која пациентот со извештај од специјалистот доаѓа во дневната болница и ја остава историјата на шалтерот во дневната болница.
-Тогаш ги собиравме по 5 или 10 истории одеднаш и ги носевме на потпис кај тогашниот директор. Откако директорот ќе ги потпишеше историите, се симнував во дневната болница од каде пуштав електронско требување до аптеката дека ни е потребен одреден лек. Потоа со сите 5 или 10 истории се оди во аптека, каде се даваат извештаите на фармацевтскиот техничар кој ги дава лековите. Откако ќе се земат историите заедно со лековите за пациентот, истите се носат во собата за подготовка каде се припрема терапијата. Колегите кои работат на спремањето ја спремаат терапијата и таа потоа се аплицира на пациентот, рече Спасовска.
Таа рече дека аптекарот не може сам на своја рака да одлучи дали ќе му даде терапија на некој пациент или не, туку дека се работи врз основа на извештај од лекарот специјалист.
-Не може, тоа е лекарски извештај. Ако го има лекот, мора да се даде. Ако го има лекот мора да го дадат, рече сестрата.
Таа никогаш не го видела Уштеленца во дневната болница каде што самата работи.
На прашањето на обвинителот дали кога аптекарот ги добива медицинските истории на пациентот за кого треба да се издаде терапија, со нив ги добива и целосните податоци за пациентот, таа одговори потврдно.
-Да, во медицинската историја го има името и презимето на пациентот, матичниот број, здравствениот број, телефонот на пациентот и терапијата што треба да ја прими, како и името на докторот што го напишал извештајот, истакна таа.
Во судница поради презафатеност со пациенти не се појави доктор Симонида Црвенкова, која беше повикана како сведок. Судот ја покани да присуствува на главната расправа на наредното рочиште.