Апелација ѝ ја укина затворската казна на Јанкулоска за „Титаник“, на Јанакиески му ја намали

Скопска Апелација ја објави одлуката за случајот „Титаник“, со која на дел од обвинетите им ги намалува или им ги укинува казните. Останува изречената условна казна за поранешниот шеф на кабинетот на експремиерот Никола Груевски, Мартин Протоѓер. Условна казна доби и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која со одлуката на првостепениот суд беше осудена на затворска казна. Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески е осуден на единствена казна затвор од 3 години и 6 месеци.

Со пресудата, условна казна добива и некогашниот вработен во МВР, Мунир Пепиќ.

Во овој случај, Јанкулоска лани во февруари беше осудена на две и пол години затвори, Јанакиески како еден од соработниците на експремиерот Груевски, доби ефективна казна затвор од четири и пол години, Коста Митровски доби 3 години затвор, а Мунир Пепиќ доби една година затвор.

Случајот „Титаник 1“ се однесува на кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и локалните избори во 2013 година.

„Титаник“ е првиот случај за кој отвори истрага поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), уште на почетокот на 2016 година. На 11 февруари лани, на третото рочиште, Јанкулоска, Јанакиески, Протуѓер и уште петмина обвинети ја признаа вината.

Во случајот „Титаник“, обвинети се и поранешниот премиер Груевски, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, поранешниот пратеник Илија Димовски, некогашниот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко, како и 12 други обвинети за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот