Апел: Леб купувајте во малите пекарници, занаетчиите во петок да даваат 10 отсто попуст за купувачите!

Ова е мал, но важен чекор за да покажеме дека локалната економија може да ги поддржи граѓаните со поправедни цени и подобар квалитет – напиша Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора на Македонија на Фејсбук

Во предвечерието на најавениот бојкот на големите маркети, Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора на Македонија, апелираше до граѓаните и занаетчиите, со потсетување дека постојат подобри и поправедни алтернативи за купување.

-Лебот и другите прехранбени производи можете да ги најдете во занаетчиските пекарници – поддржете го локалното производство! Цените во малите бизниси и кај занаетчиите се пониски и подостапни за сите. Ветувам дека занаетчиите ќе понудат пристапни цени за граѓаните! Апелирам до сите занаетчии во петок да понудат 10% попуст за купувачите!
Ова е мал, но важен чекор за да покажеме дека локалната економија може да ги поддржи граѓаните со поправедни цени и подобар квалитет – напиша Фазлији на Фејсбук.

Занаетчиите го поддржуваат бојкотот на граѓаните со апел сите заедно да се избориме за поправеден пазар и за поддршка на локалното производство!

За потсетување, за време на сите претходни мерки за замрзнување на цените, занаетчиите од земјава, а особено малите пекарници веднаш понудија поевтин леб, чија цена од 30 денари не е сменета повеќе од една година. Во некои од пекарниците во внатрешноста лебот се симна и до 25 денари.

Од друга страна, индустриските пекарници само во текот на владините мерки за замрзнување на цените понудија еден вид леб на парчиња чија цена се движеше од 29 до 34 денари, а за време на новогодишната кошничка, тој леб се продаваше поевтино за само 1 денар. Граѓаните сè уште се сеќаваат на „белата блокада“ од пред две години, кога големите пекарници во знак на револт од замрзнатите цени три дена не носеа леб од 33 денари. Тогаш тазе леб имаше само за ранобудниците и тоа во маалските пекарници, кои ја симнаа цената на 30 денари.

Претходниот министер за економија, Крешник Бектеши, излезе со прецизна математика за влезните трошоци на една векна леб од 450 грама. Според него во цената од 32 денари, брашното, квасецот, солта и адитивот учествуваат со 9,5 денари, енергијата и работната рака со 60 отсто, односно со 5,7 денари, транспортот и пакувањето со 6 денари. На вкупната производствена цена од 21,2 денари, заработката на пекарите била 6 денари, објави тогаш Бектеши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот