Антонио Димитров е новиот директор на Културно-информативниот центар Скопје

Културно-информативниот центар (КИЦ) Скопје е една од најстарите културни установи во градот, а со неа во наредниот период ќе раководи Антонио Димитров.

Со долгогодишна традиција во животот на скопјани, годинава КИЦ одбележува 55 години од своето постоење. Токму во пресрет на јубилејот се случи промена во раководството на установата, а со тоа и во културните политики на центарот.

Во својата прва објава за медиумите Антонио Димитров посочува дека почнуваат нова ера во работењето, со нова енергија, ентузијазам, свежи идеи и со јасна визија за КИЦ.

– Програмата што ја поставуваме е обновена, збогатена, освежена и темелно концепирана, креирана по светски стандарди. Акцент ставаме на поддршка на локалната културна сцена, но и на меѓународното вмрежување. Работиме на враќање на старата публика, но и создавање нова, преку неформална едукација, прилагодувајќи се на потребите на младите. На нашата млада публика ѝ треба култура, уметност, музика, повеќе од кога било досега; овие клучни искуства го отвораат патот, нудат пошироки перспективи.

Отвореноста кон уметниците, која е исклучително важна, ќе нѝ биде приоритет во функционирањето. Ги отвораме вратите за веќе етаблирани, но и за нови уметници, писатели, музичари, артисти, чии идеи ќе добијат можност за реализација во нашиот центар. Веќе подготвуваме внимателно избрана ликовна, литературна, музичка, филмска и мултимедијална програма. Уште со првиот проект – градски културен информатор – го враќаме и информативниот аспект на установата. Очекувајте го првиот број наскоро!

Оваа година ќе се насочиме и кон реализација на два обемни мултимедијални фестивали, но и на меѓународни соработки и вмрежување со интернационални културни центри. Ќе оствариме отворена комуникација со независната, но и со институционалната културна сцена, со визија за градење на отворена и ризоматска мрежа, која ќе ја поттикне и раздвижи индолентната културна понуда.

Од друга страна, евидентна е потребата од засилен институционален ангажман поради спектарот на проблеми со кои се соочуваат уметничката сцена и креативците: технички, финансиски, инфраструктурни, организациски… Во вакви услови, витална е потребата од установа што ќе го згрижи постоечкиот потенцијал и ќе помогне во надминување на постоечките проблеми. Во овој современ, денешен контекст, во кој е евидентен наплив од тривијална, потрошувачка, хиперкомерцијална, банална култура, нашата главна цел е поставување на цврсти темели за здрава сцена, заснована на изградени творци и едуцирана публика, истакна Антонио Димитров, новиот директор на Културно-информативен центар Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот