
Антитерористичките акции во Македонија – на сајтот на Обединетото Кралство
На владината страница на Обединетото Кралство, во делот за безбедност и сигурност при патување, на 5 февруари годинава е додаден дел што се однесува на Македонија, односно ажурирани се информациите за ризиците од тероризам во земјава.
Препорачано
Не се исклучуваат терористички напади во Северна Македонија. Нападите може да бидат неселективни, вклучително и на места што ги посетуваат странски државјани. Бидете свесни за вашето окружување и бидете во тек со извештаите на локалните медиуми и следете ги советите на локалните власти. Властите во Северна Македонија извршија рации против осомничени терористи. Постои ризик од терористички напади инспирирани од екстремистичка идеологија во Северна Македонија, се наведува во известувањето.
Од амбасадата на Обединетото Кралство во земјава за „Слободен печат“ велат дека редовно се ажурира страницата со совети за патување кои им се наменети на граѓаните на Обединетото Кралство. Целта е британските граѓани да разберат со кои потенцијални ризици може да се соочат кога патуваат, а има и практични информации за секоја од земјите. На сајтот се советуваат граѓаните како да се грижат за својата безбедност за време на престојот во земјата. Последното ажурирање е направено на 5 февруари и останува актуелно и важечко и денеска.
Промената на 5 февруари го усогласи јазикот кој се користи во делот за безбедност и сигурност во однос на советите за патување на граѓаните на Обединетото Кралство кога станува збор за Северна Македонија, особено делот што се однесува на тероризмот, со јазикот кој се користи за другите земји од Западен Балкан. Можете да забележите дека станува збор за користење на речиси идентичен јазик во истиот дел кој се однесува на Црна Гора и Србија. Промената, исто така, го поедностави и разјасни фактичкото упатување на неодамнешните активности на македонската влада за апсење на осомничени терористи, кои беа објавени во јавноста. Честопати правиме мали промени во советите за патување, во овој случај, новинарите го забележаа тоа стандардизирање на јазикот, иако станува збор за рутинска промена. Остануваме во непосреден контакт со локалните власти во Северна Македонија, одговорија од амбасадата на Обединетото Кралство на нашите прашања.
Наши извори од Агенцијата за национална безбедност велат дека нема простор за грижа, зашто според нив, ризикот од тероризам во Македонија е низок, а опасноста не е од веќе притворените осомничени, туку од оние што може да „изникнат“.
Осум лица осомничени за учество во терористичка организација се во притвор
Во изминатите два месеци се идентификувани осум лица осомничени за учество во терористичка организација кои се наоѓаат во притвор, потврдуваат истражните органи.
Во моментов со оглед дека се уште трае истрагата не можеме да споделиме детали околу дејствијата што ги преземале осомничените, освен оние што веќе се објавени во соопштенијата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, велат од обвинителството за „Слободен печат“.
На 24 јануари 2025 година Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција заедно со Агенцијата за национална безбедност и одделите за сузбивање сериозен организиран криминал во МВР, спроведоа акција за сузбивање на заканите од тероризам. Акцијата почнала уште од декември минатата година, при што на 5 локации во Скопје и во Гостивар се претресени домови и други простории при што се одземени автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефони, компјутерска опрема и други предмети што се дадени на форензичко вештачење а од слобода се лишени 4 лица. За нив се спроведува истрага за основано сомнение дека сториле кривично дело „терористичка организација“.
Акцијата е резултат на преземените дејствија на Лабораторијата за дигитална форензика при Основното јавно обвинителсво за гонење на организиран криминал и корупција, каде се откриени повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм во кои осомничените споделувале претходно набавен и преведен пропаганден материјал на ИСИС и регрутирале нови членови, извести Обвинителството.
Органите за безбедност спроведоа уште една акција во струшкиот и гостиварскиот регион при што приведени беа 3 лица од Гостивар и 1 лице од Струга за истото кривично дело – „терористичка организација“.
Истрагата се сомнева дека 21-годишен гостиварец на почетокот на 2024 година создал и активно координирал терористичка ќелија во која учествувале и останатите осомничени и други непознати лица од Македонија и од странство.
Организацијата со основи на идеолошката матрица на терористичка организација ИСИС имала намера на изведување на терористички акт на цивилни „меки“ цели и јавни објекти. Првосомничениот во почетокот на 2024 година формирал повеќе групи на социјалната мрежа „Телеграм“ каде искажувал целосна подготвеност и намера за извршување на терористички напад, како и поттикнување на други лица за извршување на терористички напади во Европа. Во групите споделувал претходно набавен и преработен – преведен пропаганден материјал на ИСИС, регрутирајќи нови членови, правејќи обиди за набавка на огнено оружје, како и споделувајќи упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа требало да бидат искористени за извршување на терористички напади.
Современите безбедносни закани ја потенцираат важноста да соработуваат македонските и странските партнерски институции на Агенцијата за национална безбедност. АНБ и понатаму презема мерки и активности, вклучително и за детектирање онлајн пропаганда и содржини што се поврзуваат со меѓународни терористички организации и имаат за цел регрутирање, инспирирање или поттикнување тероризам. Конкретно дел од лицата што беа посочени во заедничката акција, тие според АНБ биле идеолошки надоврзани на терористичката организација „Исламска држава“ (ИСИС), и преземале активност иза верско-радикална индоктринација на млади луѓе како и подготовки за изведување на насилни активности кои содржат елементи на тероризам. Акциите беа во соработка со партнерски служби и во нив беа вклучени засилени оперативни мерки и активности.