
Анкетите на „Маркет вижн“ се платени од Владата, разликата ни оддалеку не е точна, вели Филипче
Анкетата за рејтингот на „Маркет вижн“ е нарачана од Владата и тоа не се реални резултати, изјави вечерва претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, во интервју на „Алсат“.
Препорачано
„Сметаме дека тоа не се реални резултати, поради тоа што не се совпаѓаат со некои резултати од други извори. Имавме презентација на една друга анкета изработена од цеосно независен институт. Имаме наша партиска анкета којашто ќе заврши и ќе биде целосно готова следната недела. Меѓутоа, првичните резултати покажуваат дека вистинскиот рејтинг на партиите, таа разлика е далеку од тоа што Владата сака да го прикаже“, рече Филипче.
Анкетата спроведена од маркетинг-агенцијата „Маркет вижн“ која беше објавена викендов, покажува висок степен на доверба на граѓаните во власта и нејзините политики.
На прашањето дали СДСМ е подготвен за избори, Филипче рече дека партијата е спремна за какви било избори, само локални или заедно со парламентарни.
„Партијата е во сè подобра кондиција. Многу сме внимателни во процесот на консолидација и јас лично го водам тој процес. Тој процес се темели на разговори со огромен број на наши членови. Се обидуваме да изградиме систем и контурите веќе се подготвени. Тоа значи да се изберат најдобрите кандидати за локалните избори, да бидеме преставени со луѓе коишто влеваат доверба, имаат доверба од својата околина, од своите пријатели, од своите сопартијци, меѓутоа и од граѓаните коишто живеат во тие општини. Луѓе кои што може да испорачаат и луѓе кои што имаат кредибилитет да излезат пред граѓаните и да имаат капацитет да ја спроведат програмата со којашто ќе излеземе на локалните избори“, рече Филипче.
Тој додаде дека во изборната програма на СДСМ за локалните избори ќе доминираат неколку сегменти, како што се чистата околина, спортот имајќи ги предвид потребите на младите луѓе, обновата на инфраструктурата во градовите и други области од интерес на граѓаните и за напредок на општините.