
Анкета на СКМ: Јавниот сектор го корумпира приватниот, некои компании плаќаат мито за да не им пропадне бизнисот
Корупцијата е канцер на општеството и го кородира од внатре. Но, многу луѓе не разбираат колку е голема штетата од корупцијата и дека таа ги погодува сите, затоа што парите од поткупот завршуваат во приватни џебови наместо во буџетот во државата и потоа државата нема пари за да им обезбеди квалитетни услуги на граѓаните, во образованието, во здравството итн, истакна м-р Зоран Јовановски од Стопанската комора на Македонија при презентирањето на резултатите од Анкетата спроведена со приватниот бизнис сектор за прашања поврзани со корупција.
Препорачано
Анкетата е реализирана во март годинава и се однесува на коруптивни дејства со кои се соочил приватниот бизнис сектор во 2023 година. На анонимната електронска анкета одговориле 138 компании, од 75 на сите прашања, од сите типови на компании, големи, средни, мали и микро кои успешно работат во државава повеќе од 10 години, а дел се извозници во странство.
Анкетата покажала дека 83,3 проценти сметаат дека корупцијата е еден од трите најголеми проблеми во државата којшто треба прв да се решава, а на прашањето дали се соочиле со коруптивно барање од јавниот сектор во 2023 година, 83 одговори биле потврдни. За 78 проценти од компаниите коруптивно барање дошло од централната државна власт, за 22 проценти од локалната власт. Во однос на тоа во каква ситуација се соочиле со коруптивно барање од јавниот сектор, најмногу одговори се во постапка на добивање на добивање дозвола или одобрение, 12% при инспекциски надзор, при царинска постапка, при тендерска постапка, а некои одговориле во некаква друга постапка, даночна, судска, катастарска, а немало коруптивни барања во постапки на Јавното обвинителство или во постапка на ревизија.
Анкетата која СКМ ја реалзира во рамки на проектот „Граѓаните против корупцијата“ финансиран од УСАИД не дава одговор на прашањето дали приватниот бизнис сектор нудел мито за завршување на некоја услуга.
-Немаме таква информација во анкета. Легитимно е прашањето. Ова е прва анкета и задоволни сме од одѕивот. Градиме заемна доверба дека можеме да разговораме на многу чувствителна тема без притоа некој да се чувствува инхибиран заради чувствителноста на темата. Така што во овој момент прашањата беа вакви какви што се. Тоа не исклучува дека низ активностите кои ќе следат да добиеме одговорот и на тоа прашање, рече Јовановски.
Анкетата покажала дека 61 процент од испитанците се соочиле со коруптивни барања 2 до 5 пати минатата година, а најмногу се барале пари, подарок, услуги, а помалку се барања некого да вработат, некого да унапредат, да дадат донација за политичка партија. На една третина од испитаниците директно им било понудено до знаење дека нешто се очекува, а на 51 процент им побарале сума од од илјада до 10.000 евра, а на 5 компании повеќе од 100.000 евра. При јавните тендери најчесто се барало мито од 6 до 10 проценти од износто на тендерот.
Од 51 компанија, 31 во анкетата истакнала дека не презела ништо во однос на коруптивното барање, дел велат дека е нормално нешто да се даде, а мал дел пријавиле кај претпоставениот во јавниот сектор.
-Ги прашавме зошто, 31 од 51 компании кои се соочиле со такво нешто, ништо не направиле, и го прашавме дали е нешто комплицирано, не е. Рекоа дека се плашат за својот бизнис, а дел од нив не веруваат дека во моментот, нешто тоа би променило. Затоа ги прашавме, што треба да се направи. Ако ДКСК поднесе некаква пријава, а минатиот мандат на Антикорупциска имаше поднесено повеќе од 50 такви пријави поднесени до ЈО мора да има некаква реакција. Што од тоа е процесирано, што од тоа е отфрлено. Можеби некои пријави не држат, можеби некои пријави држат, се покренува постапка. Значи таа комуникација ќе создава и едно чувство дека вреди и може нешто да се направи, ако се пријави, нагласи Јовановски.
Запрашани за тоа како неприфаќањето на коруптивното барање ќе се одрази врз нивниот приватен бизнис, 30 проценти од анкетираните сметале дека ќе пропаднат, 35 % дека прифаќањето би помогнало, а ако не прифатат нема да пропаднат, а 30 проценти сметаат дека нема никакво значење дали прифаќаат или не.
-Ова сето што е презентирано се однесува на луѓе кои одговориле потврдно и има друга половина од компаниите велат не се соочиле со коруптивно барање и за нив не разговараме туку за оние кои се соочиле со такво нешто и таму се обидуваме да видиме што можеме ние како Комора да направиме нешто. Ние преку обуките за бизнис интегритет, прашање кое е екстремно важно во бизнис секторот било каде во светот, ние тие механизми внатре во самите компании за заштита на интегритетот во работењето и превенција против коруптивно работење ќе се обидеме да го зацрвстиме и верувам дека ќе успееме во тоа, објасни Јовановски.
Меѓу причините за корупцијата кои анкетираните компании ги се: неефикасност на судскиот систем, дека во власта има поединци кои сакаат брзо да се збогатат, 56 одговориле дека владее морална криза во општеството како и тоа дека законите не се применуваат, а 42 одговори се нема ефикасна заштита за оние кои пријавуваат и 23 одговори дека ниски се платите на службениците во јавниот сектор.
Оптимистично е тоа што најголем дел од анкетираните бизнисмени веруваат дека борбата со корупцијата ќе биде успешна и би можела значително да се намали, главно преку зголемување на казните за коруптивните кривични дела, ако Јавното обвинителство има обврска во разумен рок да се произнесе за пријавите од ДКСК односно со поголема активност на ЈО, со зголемување на свесноста на сите за корупцијата и со зголемување на интегритет во самите компании.
-За некои компании може да трпи бизнисот меѓутоа тоа е веројатно цената која ја плаќаат затоа што не учествуваат во такво нешто и тоа во крајна линија е позитивна работа. Значи вие прифаќате да ви трпи бизнисот за да не влезете во коруптивна активност. Тоа е тоа што ние би сакале да го поттикнеме. Борбата против корупцијата нема шанси да успее ако се води изолирано. Само ние заедно сите тука може да ја добиеме таа битка. Ние заедно со компаниите и со медиумите ќе го комуницираме дека треба оваа битка сите заедно да ја биеме и тогаш шансите за успех се драматично поголеми, заклучи Јовановски.