
„Анима Мунди“ тврди дека инспекторите на АХВ не се заинтересирани за неодговорните сопственици на кучиња
Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ тврди дека ветеринарните инспектори во Агенцијата за храна и ветеринарство не се заинтересирани да реагираат кога до нив стигнуваат пријави за неодговорно сопствеништво.
Препорачано
Како што наведуваат, тие многупати поднеле вакви претставки до АХВ, а последната е поднесена пред еден месец за куче напуштено од сопственикот, кое живеело на улица, каде било малтретирано и неконтролирано се размножувало, а сега е згрижено во прифатилиштето на „Лајка“. Според нив, неговиот сопственик живее во Бутел, а кучето било оставено во Ново Лисиче. Од „Анима Мунди“ велат дека сите овие податоци се наведени во нивната претставка до АХВ.
Кучето во наведениот случај со законски сопственик повеќе од една година е чувано на јавна површина во импровизирана куќарка, се храни од канти за отпадоци и истовремено е размножувано со расни кучиња. Скучна, се окучува во истиот тој парк и според сведоштвата на соседите голем дел од малите угинуваат. Освен во Агенцијата за храна и ветеринарство случајот истовремено беше пријавен во ЈП „Лајка“ кои веднаш изглегоа на терен и го заловија кучето, истото е сѐ уште во прифатилиштето – објаснуваат од Здружението.
Но, како што истакнуваат од „Анима Мунди“, одговорот кој пристигнал од АХВ бил дека тие нема да постапува по наводите на претставката бидејќи биле базирани на претпоставка.
Од Здружението, од каде до јавноста е проследена и нивната претставка и одговорот од АХВ прашуваат како може да е претпоставка пријава која ги содржи сите елементи на кршење на закон за одговорно сопствеништво и податоци за сопственикот, слики од состојбата на кучето и од околината во која е чувано.
„Труло“ општество со уште повеќе „трули“ институции резултира со илјадници бездомни животни по улиците комплетно нарушувајќи ја нивната благосостојба од страна на неодговорни сопственици, загрозувајќи ја безбедноста на граѓаните и единствените инспектори со надлежност за постапување во вакви случаеви се незаинтересирани за спроведување правда – велат од „Анима Мунди“.
Законот за заштита и благосостојба на животните предвидува казни за неодговорно сопствеништво, особено што се смета дека токму ова е една од најважните причини зошто по улиците има толку многу бездомни кучиња. Имено, некои граѓани кога ќе се соочат со првиот проблем во врска со својот миленик, проблемот го решаваат така што ќе го остават на улица, каде потоа неконтролирано се размножува.
Последната казна јавно објавена во медиумите за неодговорно сопствеништво беше пред три години кога Агенцијата за храна и ветеринарство на неодговорен сопственик кој го напуштил своето куче, му изрече казна од 500 евра. Во конкретниот случај, како што посочија од АХВ казната била изречена врз основа на поднесена претставка од невладина организација за заштита на животните, која го вдомила кучето, а која по неколку месеци го нашла напуштено заедно со уште три кучиња, нејзин подмладок.