Реакција на Анима Мунди/Фото: Анима Мунди

Анима Мунди реагира на идејата на Ангелов за евтаназија на агресивните улични кучиња

Иако претставници на Анима Мунди вчера присуствуваат на состанокот во Центарот за управување со кризи по која директорот Стојанче Ангелов излезе со изјава за евтаназија на оние животни кои ќе се наведат како агресивни, тие денеска на Фејсбук реагираат на оваа, според нив „несреќна“ изјава на Ангелов.

-Велиме наведат, бидејќи искуствата ни докажуваат дека 95% од бездомните кучиња заловени во стационарите како такви, се мирни, социјализирани, игриви и вдомливи, но некој ги пријавил дека нападнале. Пријавени се без доказ кој би го поврзал конкретното животно со нападот, по изјава, често со траги кои укажуваат на повреда- но не и угриз, поткрепени со изјава од доктор дека станува збор за куче иако во голема мера тоа не може да се потврди, реагираат од Анима Мунди.

Од таму сметаат дека во сиромашна држава со кородиран систем, често се лажираат овие напади за да се обезбеди отштета од средствата на градот.

-Затоа е зголемена бројката пријави, затоа што исплатата од буџет, наспрема приватно тужење на сопственик е и те како поизвесна. Се извинуваме и искрено сочувствуваме со граѓаните кои навистина биле жртва на напад за ова тврдење, не ги ставаме никако сите во ист кош – но ова прашање мора итно да се третира, и секој случај поединечно темелно да се истражи, а институциите да сторат се од себе овој проблем да се стави под контрола преку најстроги забрани за напуштање, неконтролирано размножување и дефинирани одговорности, строги казни и да се наменат доволни средства за спроведување масовна и брза стерилизација на животните на улица. Така се гледа грижата кон граѓаните, така се решава проблем кој е важен од етичка, здравствена, безбедностена, економска природа – а никако не со убивање на животните!, наведуваат од ова здружение за заштита на бездомните животни,

Тие сметаат дека за разлика од соседните држави, само во Македонија не се вршат детални проверки и истраги дали нападот се случил, во какви околности, дали на јавна или приватна површина и -дали е од бездомно или сопственичко куче.

-Се докажуваат лажирања, малверзации и во огромна мера утврдува дека кучето кое нападнало, има сопственик. Кај нас, согласно нашето долгогодишно искуство на терен и светските искуства, тврдиме дека најголем број напади се од сопственички животни кои слободно шетаат на јавни површини. И сега, немасто по институциите кои не превземаат ништо, по неодговорните сопственици, кои пак се такви бидејќи законот за заштита и благосостојба во овој домен не личи на ништо – удри по кучињата, реагираат од Анима Мунди.

Од таму наведуваат дека секаде во светот постојат правила на игра, како да се третира, контролира, надмине проблемот со кучињата на улиците и мора да се делува сестрано, да се сузбие коренот на проблемот, да создаде прецизна законска регулатива, забрани за неконтролиран расплод, казни напуштање, регулирање на продажната дејност , подарувањето животни, и само исклучиво масовна и брза стерилизација на животните кои се на улица.

-Анима Мунди со години предлага законски измени и укажува на важноста општините да обезбедат сигурни финансии за масовна стерилизација на животните, пари кои се влог за севкупна здравствена, безбедносна, комунална заштита и заштеда која ќе превенира напади и огромни економски загуби во иднина, реагираат од таму и апелираат на совесност, свесност и етичност од новинарите кога известуваат за овие прашања.

– Кучињата на улиците се жртва на институционалнатна инертност и човековата негрижа, децениски убивани во Македонија на илјада и еден начин, по илјада и една основа. Запрашајте се, ДОКОЛКУ УБИВАЊЕТО НЕКОГАШ И НЕКАДЕ БИЛО РЕШЕНИЕ, ЗОШТО ОВОЈ ПРОБЛЕМ ДО СЕГА КАЈ НАС НЕ Е РЕШЕН, стои на крајот од нивната реакција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот