Игор Ангеловски, поранешниот македонски селектор/фото: ФФМ

Ангеловски: Радуваат головите на Елмас и константноста на сите репрезентативци!

Два гола за само три дена на Елиф Елмас во Италија, асистенција на закрепнатиот од повредата Енис Барди за победничкиот гол на Леванте против големиот Реал Мадрид во шпанското првенство и добрата форма на другите репрезентативци може само да го радуваат селекторот Игор Ангеловски спроти дебито на македонската фудбалска репрезентација на претстојното Европско првенство.

Македонија, преку баражот, обезбеди историски пласман на ЕП, на кое на 13 јуни, 17 јуни и 21 јуни ќе се сретне во селекциите на Австрија, Украина и Холандија во Букурешт и Амстердам.

– Нормално е да се радуваш на добри вести поврзани со нашите репрезентативци. Посакувам да продолжат во тој ритам сè до јуни, да се наметнат во своите клубови и да бидат во што подобра форма за  Европското првенство – вели селекторот Ангеловски.

Добри вести за селекторот се и (најавените) трансфери на Бобан Николов во италијанскиот второлигаш Лече и на Стефан Ристовски во Динамо Загреб. Ристовски не играше за Спортинг Лисабон подолг временски период, а сега ќе му се придружи на Аријан Адеми во хрватскиот шампион, кого веќе на 18 и 25 февруари го очекува 16-тинафиналниот натпревар против Краснодар во Лигата на Европа. Константна форма покажува и Езџан Алиоски во премиерлигашот Лидс, кој на гости го победи Лестер.

– Колку повеќе настапи ќе имаат за своите тимови, толку полесно и мене ќе ми биде да им давам поголема доверба и минутажа во претстојните мартовски, па и на натпреварите на ЕП. Алиоски веќе има 18 силни натпревари во Премиерлигата, а сè почесто игра и на позицијата во која настапува во националниот тим. Овие детали одат во прилог на подготовката на репрезентативците – вели Ангеловски.

Македонија кон крајот на март ќе ги почне квалификациите за Светското првенство во Катар 2022 година – против Романија на гости, на 25 март, три дена подоцна во Скопје го пречекува Лихтенштајн, а на 31 март ѝ гостува на Германија.

На Ангеловски во јануари му беше продолжен договорот, но Фудбалската федерација на Македонија не соопшти детали, иако во јавноста се шпекулираше дека му е укажана доверба на само шест месеци.

– Јас бев согласен заедно со ФФМ да ги соопштиме јавно деталите од мојот договор, но зошто Федерацијата не ги објави, тоа не знам – ни рече Ангеловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот