
Ангеловска-Бежовска со нов мандат или Ставрески, Кадиевска-Војновиќ или Славески – кој ќе биде новиот гувернер?
Процесот за избор на нов гувернер, според процедурата, не може да се реализира без позитивно мислење од претседателката Гордана Силјановска-Давкова
Мандатот на актуелната гувернерка на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежовска, истекува месецов, седум години откако беше избрана од Собранието. Процесот за избор на нов гувернер, според процедурата, не може да се реализира без позитивно мислење од претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова.
Во моментов, во јавноста кружат неколку имиња како можни кандидати за нов гувернер покрај Ангеловска-Бежовска се и поранешниот министер за финансии Зоран Ставревски, поранешната вицегувернерка и актуелен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Маја Кадиевска-Војновиќ, но и Трајко Славески – универзитетски професор и поранешен министер за финансии, кој веќе подолго време важи за еден од највлијателните економски гласови во партијата, објавуваат дел од медиумите.
Препорачано
Неофицијално, во рамките на владејачката ВМРО-ДПМНЕ била спроведена и внатрепартиска анкета за можниот избор на гувернер, со цел да се тестира поддршката и прифатливоста на потенцијалните кандидати во јавноста и во експертската заедница.
Овој избор доаѓа во клучен економски момент, во услови на перзистентна инфлација и растечки трошоци на живот. Народната банка, преку својата монетарна политика и надзор над финансискиот систем, има централна улога во стабилизирањето на економските текови и зајакнувањето на довербата во финансиските институции.
Народната банка е основана на 19 октомври 1946 година со спојување на Македонската стопанска банка со Народната банка – филијала Скопје. Во декември 1971 година бил донесен првиот Закон за Народна банка на Македонија, со кој таа била дефинирана како уставна категорија, а за прв гувернер бил именуван Стојан Ќосев. По осамостојувањето, Уставот на Република Македонија од 1991 година ја определил НБРМ како емисиона банка, самостојна и одговорна за стабилноста на домашната валута, денарот, водењето на монетарната политика и општата ликвидност за плаќањето во земјата и странство. На 26 април 1992 година, Собранието го донело Законот за Народна банка на Република Македонија, како прв законски акт со кој се уредува работењето на централната банка по осамостојувањето на Македонија.