
Анџелина Џоли загрижена за слободата на говор во САД: „Сè што го ограничува изразувањето е опасно“
Американската актерка Анџелина Џоли изјави, по повод заканите за слободата на говор во САД, дека веќе не ја препознава својата земја и предупреди дека сè што ја дели или ограничува личната слобода и изразување е многу опасно.
Препорачано
На филмскиот фестивал во Сан Себастијан, Шпанија, на новинарско прашање од што најмногу се плаши како уметница и Американка, Џоли одговори дека тоа е „многу тешко прашање“ и дека иако ја сака својата земја, во овој момент таа не ѝ е препознатлива.
„Отсекогаш сум живеела како космополит, моето семејство е космополитско, моите пријатели, мојот живот. Мојот поглед кон светот е еднаков, обединет и космополитски. Сè што, било каде, го ограничува личното изразување и слобода на поединецот, според мене, е многу опасно“, изјави таа, пренесува „Гардијан“.
Актерката додаде дека времињата се исклучително сериозни и дека треба да се внимава што и како се кажува: „Живееме во навистина, навистина тешки времиња“.
Иако таа не спомна име, нејзините коментари дојдоа само неколку дена по одлуката на Еј-би-си, телевизија во сопственост на „Дизни“, да ја суспендира емисијата на Џими Кимел на неопределено време. Кимел беше санкциониран поради критики на претседателот на Федералната комисија за комуникации, Брендон Кар, за неговите изјави поврзани со убиството на американскиот патриот Чарли Кирк.
Џоли во минатото соработувала со „Дизни“ во неколку големи проекти, меѓу кои филмовите „Злобната вештерка“, неговото продолжение „Злобната вештерка: Господарка на злото“, како и во улогата на хероината Тена во „Вечните“, дел од универзумот на „Марвел“.
Одлуката за суспензија на Кимел предизвика бурни реакции кај бројни ѕвезди и јавни личности, меѓу кои Оливија Родриго, Педро Паскал и Марк Рафало, кои остро ја критикуваа „Дизни“. „Њујорк тајмс“ пренесе дека одлуката ја донеле директорот на „Дизни“ Боб Ајгер и шефицата на телевизија Дана Валден.