Стефан Андоновски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Андоновски: 120 нови дигитални услуги, блокирани над 220 сајтови за коцкање и прв Закон за сајбер безбедност

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на денешната прес -конференција по повод една година од формирање и управување со министерството како клучни успеси ги посочи 120-те нови онлајн услуги кои се достапни за граѓаните, дигитализација на административната дејност и меѓусебната комуникација помеѓу институциите, воведувањето забрани за стотици нелегални дигитални коцкарници и донесувањето на првиот Закон за сајбер безбедност.

„Прво, услугите дојдоа до граѓаните, не обратно. 120 нови услуги, бројка што постојано расте. И затоа 170 илјади граѓани го препознаа тоа. За првпат, со законски измени, правно валидни документи се добиваат без физичко присуство, со електронски потпис, QR код, во електронска форма или испечатени“, рече тој.

Исто така, Андоновски најави дека покрај постоечките три Центри за услуги, во текот на летото ќе се отворат уште најмалку нови три центри и истакна дека е олеснета комуникацијата помеѓу институациите.

„Преку платформата за интероперабилност, денес над 70 институции разменуваат податоци во реално време. Наместо граѓанинот да носи хартија од еден до друг шалтер – институциите започнаа да комуницираат електронски. Исто така, ја зајакнавме заштитата на државните системи. Прво ја донесовме Националната стратегија за сајбер безбедност после три години вакум. Истата има и буџет, акционен план со одговорности и обврски за сите засегнати“, рече Андоновски.

Тој го истакна и донесувањето на четири реформски закони, како што се Законот за електронски комуникации и првиот Закон за сајбер безбедност, Законот за архивска дејност и Законот за електронски документи. Министерот додаде дека е формиран и Сектор за сајбер безбедност во чии рамки треба да биде и Владин центар за одговор на инциденти (SOC).

Во однос на грижата за дигиталната безбедност на децата и младите, министерот рече дека министерството активно работи на воспоставување на националниот Центар за побезбеден интернет за младите (MKSafeNet) и го истакна воведувањето на забрана за користење на преку 220 сајтови за нелегално онлајн коцкање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот