
АНБ и Факултетот за безбедност склучија меморандум за соработка – ќе се профилира кадар за потребите на Агенцијата за национална безбедност
Директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски денеска го посети Факултетот за безбедност и се сретна со студентите и со наставниот кадар за да дискутираат за теми поврзани со националната агенција но и предизвиците со кои се соочува Агенцијата за национална безбедност.
Препорачано
Христовски и студентите разговарале за безбедносни аспекти кои што може да бидат корисни за студентите на факултетот – зошто АНБ врши безбедносни проверки на одредени лица, кои методи ги користи АНБ за собирање податоци, како и за улогата на Собранието и надзорната комисија во контролата на Агенцијата.
Студентите и Христовски ја отвориле темата дали Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање треба да се спојат во една, како и за соработката меѓу АНБ и странските безбедносно-разузнавачки служби. Студентите од прва рака слушнале од директорот Христовски кои се општите и посебните услови за да се заснова работен однос во Агенцијата за национална безбедност и разговарале за неодамна воведената пракса – при вработување во Агенцијата за национална безбедност да се спроведува полиграфско тестирање, услов кој е пропишан во законот за АНБ. На средбата присуствуваа и вработените на Факултетот за безбедност – професорите Катерина Крстевска Савовска, Јонче Ивановски и Марјан Николовски – раководител на Катедрата за безбедност и приватна безбедност и студентката Михаела Менчова која е заменик студентски правобранител.
Овој настан, беше искористен и за потпишување на Меморандум за соработка помеѓу двете институции, со што се потврди заедничкиот интерес за меѓусебна соработка и поддршка во организирање и спроведување на научно-истражувачки, фундаментални и применети проекти, анализи и евалуации од областа на безбедноста, поврзани со примена на најнови научно фундирани истражувања од страна на Факултетот кои може да се применат при спроведување на обука на припадниците на Агенцијата, како и усовршување на кадри, размена на искуства, знаења и едукација. Согласно Меморандумот, соработката ќе се одвива во повеќе области меѓу кои организирање на настани од интерес на двете институции, изработка на правна регулатива од областа на безбедноста, практична настава на студентите од Факултетот во Агенцијата, стипендирање и доделување на школарини за стручно усовршување на припадници на Агенцијата, како и профилирање на кадар од редовите на студентите за потребите на Агенцијата. Директорот Христовски ги поучи студентите да бидат посветени на студиите, континуирано да го надградуваат своето знаење и да бидат упорни во остварување на целите кои ги зацртале, информираат од Агенцијата за национална безбедност.