
Аналитичарите велат дека Хамас веројатно ќе го прифати планот на Трамп со некои измени
Хамас ќе бара клучни промени во предлогот за прекин на огнот на американскиот претседател Доналд Трамп, но е подготвен да го прифати планот како основа за нови преговори во наредните денови, според аналитичарите и изворите блиски до организацијата, според Гардијан.
Препорачано
Трамп даде рок од „три или четири дена“ почнувајќи од вторник за одговор на неговиот план од 20 точки, кој има за цел да ја заврши двегодишната војна во Газа и да воспостави меѓународна администрација над опустошената територија.
„Ако не биде прифатен, тие ќе платат висока цена“, рече Трамп.
Мхаимар Абусада, политички аналитичар од Газа со седиште во Каиро, рече дека Хамас мора да избере „помеѓу лошо и полошо“.
„Ако кажат „не“, Трамп јасно стави до знаење дека ќе му даде на Израел одврзани раце да ја заврши работата. Ако кажат „да“, тој ќе инсистира да добијат одредени отстапки“, рече Абусада.
Хју Ловат од Европскиот совет за надворешни односи го повтори тој став, велејќи дека ќе му биде тешко на Хамас безусловно да го прифати договорот.
„Тоа е разбирливо бидејќи на текстот му недостасуваат доволно детали. Но, сè што е помалку од целосно прифаќање од страна на Израел, администрацијата на Трамп и веројатно Европа ќе го искористи тоа против нив“, предупреди тој.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој го прифати планот на Трамп формулиран без консултација со Хамас, предупреди дека Израел ќе „ја заврши работата“ ако Хамас го отфрли предлогот или го забави неговото спроведување. Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Нетанјаху по обвинение за воени злосторства извршени за време на офанзивата во Газа.
Во рамките на Хамас постојат различни пристапи – раководството во Доха и Истанбул е попрагматично, додека военото крило во Газа е силно против откажувањето од оружје.
Според извори блиски до движењето, една од најголемите пречки е барањето Хамас да го предаде целото свое оружје, што тие го сметаат за неприфатливо без политички процес и напредок кон решение за две држави, Израел и Палестина.
Планот на Трамп предвидува прекин на огнот по кој Хамас ќе мора да ги ослободи сите израелски заложници во рок од 72 часа, додека Израел ќе ги повлече трупите во тампон-зона на периферијата на Газа. Пакетот, исто така, вклучува значителна хуманитарна помош и ослободување на повеќе од 1.000 палестински затвореници, што Хамас може да го претстави како успех. Планот, исто така, вклучува гаранција дека нема да има анексија или окупација на Газа, што Хамас го поздрави, иако деталите за повлекувањето на израелската војска остануваат нејасни.
Војната, која започна со напад на Хамас врз јужен Израел, во кој загинаа 1.200 луѓе и 250 беа земени како заложници, досега уби повеќе од 66.000 Палестинци, повеќето од нив цивили, и ги расели 2,3 милиони жители на Газа.
Иако Хамас ги загуби речиси сите свои врвни команданти и илјадници борци, групата продолжува со герилските операции, одржува делумна моќ и регрутира нови борци. Се проценува дека 97% од ракетниот арсенал на Хамас е уништен, но помалку од половина од неговата мрежа на тунели е уништена.
Додека дел од военото крило инсистира на продолжување на борбата, аналитичарите проценуваат дека политичкото раководство на крајот ќе се стреми да го прифати предлогот на Трамп, додека се обидува да преговара за отстапки што би обезбедиле зачувување на политичкото и военото влијание на движењето, наведува медиумот.