
Аналитичари: Не се ДУИ и Али Ахмети она што си го замислува Мицкоски
Изјавите на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека владините одлуки се носат во Мала Речица, според политичките аналитичари се несериозни, дегутантни и лицемерни.
Препорачано
– Точно е дека ДУИ е услов-политички фактор без кој не се може и во оваа Влада, како и во сите претходни во кои партиципирала, но да го каже тоа со обвинение лидерот на опозицијата (политичка партија која беше 8 години во цврст коалициски брак) со првенците на ДУИ, со истиот постојан лидер, во најмала рака е несериозно, дегутантно и лицемерно. Тоа се популистички изјави од позиција на опозиција, а најтрагично ќе биде доколку по идните парламентарни избори (предвремени или редовни сеедно), ДПМНЕ направи одново коалиција со ДУИ, заборавајќи на овие обвинувања. Тоа ќе биде врв на лицемерието, изјави за „Слободен печат“ политикологот Благојче Атанасовски.
Еедноставно, додава тој, ДУИ и нејзиниот вечен лидер така се имаат поставено, да за жал на многумина, тие се тие кои ги влечат клучните конци и потези во сите извршни влади, и доколку имаат морал нашите политички елити, или нека ја екскомуницираат ДУИ од своите постизбирни коалициски комбинаторики и математики или нека замолчат и нека не даваат изјави со кои ја потценуваат нашата интелигенција и мемориската оставштина од нивното минато (криминално) владеење, токму со оваа партија.
Политичкиот аналитичар Ќенан Алиу изјавата на Мицкоски ја квалификува како политичка реторика, додека политичкото делување на ДУИ го цени без никакво влијание и како што вели, криминално.
– Тоа е реторика што доби друга конотација. Можеби тоа е поврзано со намамување на милитантниот електорат на неговата партија дека затоа треба да се поддржи ВМРО-ДПМНЕ. Всушност ова нема никаква врска со вистината. Општо познато е дека ДУИ нема никакво влијание врз основните јавни политики на државата, освен во носењето на законите со криминална содржина. ДУИ во основа е заробена партија од двата естаблишменти на македонските партии, па постојано е уценувана да си игра во двоен стил со политичките партнери на власта, изјави Алиу за „Слободен печат“.
И лидерот на опозициската Алијанса на Албанците за Утрински брифинг изјави дека не се ДУИ и Али Ахмети она што си го замислува Мицкоски.
-Не е Али Ахмети она што си го замислува Мицкоски дека е, па му го крева рејтингот. Во културата кај Албанците има нула инвестиции. Не може Охридскиот рамковен договор да ни биде прв збор во секој разговор, а да ги третираме тие што го донеле да го третираме двојно. Децата на бранителите имаат право бесплатно да студираат на Тетовскиот универзитет, а децата на борците од УЧК кои се залагаа за легализација на истиот тој Универзитет го немаат тоа право, вели Села и додава дека заслугите не се на Ахмети туку на оние кои си го дадоа животот за таа работа.