Ана Михајлов, фото Фејсбук Национална агенција за европски образовни програми и мобилност
Ана Михајлов, фото Фејсбук Национална агенција за европски образовни програми и мобилност

Ана Михајлов е новата в.д. директорка на Агенцијата што раководи со парите на „Еразмус+“

Управниот одбор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност вчера го поништил огласот за избор за директор. По поништувањето на огласот за директор, како што дознава „Слободен печат“ деновиве ќе биде поставена в.д. директорка, Ана Михајлов која ќе дојде на местото на Петар Богојески. Ана Михајлов е една од петте кандидати што се пријавиле на огласот за директор кој е поништен. Освен неа, на истиот се пријавиле Дарко Димитров, Иван Тасевски, Билјана Стефановска и Александар Богојески.

И покрај тоа што побаравме официјален одговор од Агенцијата за европски образовни програми и мобилност која е причината за поништувањето на огласот, одговор не добивме. Причините остануваат мистерија. Неофицијално, Европската комисија ги побарала биографиите на кандидатите, но одлуките на Управниот одбор донесени вчера, се донесени без да се почека било какво мислење од ЕК за нив.

Дел од нашите извори велат дека Петар Богојески иако си поднесе оставка, таа нема правна сила доколку не се спроведе законски пропишана постапка по јавен оглас за нов директор. Таков бил случајот во минатото, кога Марко Ѓоргиевски си поднесе оставка, а Богојески беше избран на оглас. Сепак, во актуелниот случај Агенцијата ќе продолжи да функционира со в.д. директор. Побаравме коментар од Богојески,  но до овој момент немаме никаков одговор од негова страна.

Иако Европската Комисија не се меша во националните назначувања, одблиску ги мониторира сите развои на настаните што може да ги загрозат интегритетот, непристрасноста и квалитетното спроведување на програмите финансирани од ЕУ поради ризик неформални мрежи да преземат контрола на управувањето со агенцијата.

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е надлежна за спроведување на програмата „Еразмус+“ во Македонија, која годишно распределува милионски грантови во образованието, младинскиот и граѓанскиот сектор.

Работата на оваа Агенција стана предмет на истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) која побара Македонија да врати 2,2 милиони евра злоупотребени преку програмата „Еразмус+“ во периодот од 2016 до 2018 година. Кој ги злоупотребил овие пари истражува Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

„Слободен печат“ со увид во кривичната пријава дојде до заклучокот дека се работи за пријава против 23 лица и фирми (туристичка агенција, физички лица, училишта итн.). Во неа се опишува наводно добро разработена мрежа која според наводите го правела и возможното и невозможното за само една мала група да ги добие парите од „Еразмус+“. Според пријавата, за 21 проект финансиран од Европската комисија 2,2 милиони евра завршиле кај истите луѓе и тендерите ги добиле истите две фирми поврзани со овие луѓе, а за тоа имало одлична логистика. Парите од „Еразмус+“ се за подигнување на капацитетите на училиштата, но тие, според наведеното во пријавата, биле доделувани на јавни набавки, а тендерската документација била така креирана за сите пари да завршат само во 2 фирми.

Пријавата прво исчезнала во Обвинителството, па беше најдена, а оттогаш и Брисел и македонската јавност ја чекаат јавнообвинителската и евентуална судска завршница.

Министерството за образование е националниот авторитет, односно законски застапник за оваа институција пред Европската Унија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот