
Аморим: Во Јунајтед сум три месеци и научив многу од ситуацијата во која се наоѓаме
Португалскиот тренер Рубен Аморим изјави дека неговите лоши игри и резултати во Манчестер јунајтед го направиле покомплетен тренер.
Препорачано
Фудбалерите на Јунајтед моментно се наоѓаат на 14. место во Премиер лигата и според многу мерила ја имаат својата најлоша сезона од основањето на ова натпреварување во 1992 година.
Португалецот Аморим пред осминафиналето на ФА Купот против Фулам изјави дека се соочи со многу предизвици откако му се приклучил на клубот, кои му помогнале да се развие како тренер.
– Не можам да кажам дека станав подобар откако изгубив многу натпревари. Тука сум три месеци и научив многу од ситуацијата во која се наоѓаме. Јас сум покомплетен тренер, бидејќи понекогаш треба да се загуби за да напредуваш – изјави Аморим.
Тој додаде дека научил важна лекција во изминатите неколку месеци.
– Она што го сфатив овде во Јунајтед е дека нема да ја загубам главата ако загубиме три натпревари. Научив многу за себе и за играчите и станувам подобар во контролирањето на мојата енергија. Сепак, важно ми е да почнеме да победуваме – вели Аморим.
ФА Купот и Лига Европа остануваат единствените шанси на Јунајтед за трофеј оваа сезона. Во осминафиналето на второто по ранг европско натпреварување, „црвените ѓаволи“ во четврток ќе го пречекаат Реал Сосиедад.