
Американските компании го преземаат TикToк во САД, Трамп потпиша извршна наредба
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која официјално се потврдува рамковниот договор за одвојување на ТикТок од кинеската компанија БајтДенс. Со овој потег, мнозинскиот сопственички удел во американскиот дел од платформата ќе премине во рацете на американски инвеститори, што ќе овозможи ТикТок да продолжи да функционира во САД – но под домашна контрола и построг надзор врз податоците и алгоритмот за препораки, објави Ен-би-си.
Препорачано
Конзорциум предводен од софтверскиот гигант Oракл ќе ги преземе американските операции на ТикТок. Планот предвидува складирање на сите податоци на американските корисници во облачни услуги под домашна контрола и лиценцирање на алгоритмот кој ја дефинира содржината на платформата.
Меѓу инвеститорите се појавуваат звучни имиња – „Силвер Лејк“, Руперт Мардок и неговиот син Лахлан, Мајкл Дел, како и потенцијални вложувачи од Обединетите Арапски Емирати. Според „Волстрит џурнал“, американската влада може да побара еднократна такса од неколку милијарди долари за да ѝ дозволи на апликацијата да остане достапна во САД.
Политички и правен пресврт
Договорот става крај на повеќемесечната неизвесност: Конгресот минатата година изгласа закон за принудна продажба на ТикТок или целосна забрана, а Врховниот суд ја потврди мерката. На првиот ден од мандатот, Трамп потпиша привремено одложување, со надеж за компромисно решение – кое сега е постигнато.
Во петокот, Трамп соопшти дека разговарал со кинескиот претседател Си Џинпинг и му се заблагодарил за согласноста со договорот.
ТикТок е клучна дигитална арена во САД со околу 180 милиони активни корисници. Неговата улога во културата, медиумите и политичкиот живот е огромна – од младински активизам до претседателски избори. Администрацијата на Трамп верува дека префрлањето под американска контрола ќе обезбеди безбедност на податоците и воедно ќе го зголеми влијанието на домашните компании врз една од најмоќните глобални платформи.
Аналитичарите забележуваат дека оваа трансакција е уште еден пример за проширување на улогата на американската влада во технолошкиот сектор. По купувањето на удели во производители на чипови и засилените контроли врз вештачката интелигенција, САД сè поотворено интервенираат за да ги заштитат сопствените стратешки интереси.