
Американските административци да одговорат што сработиле за една недела, во спротивно ќе фрчат откази
Администрацијата на Трамп испрати мејлови до вработените во американската федерална влада во кои им напиша да ги опишат своите работни достигнувања од претходната недела до понеделник навечер или ризикуваат да ги загубат своите работни места.
Препорачано
Пораките пристигнале набргу откако милијардерот Илон Маск, кој е шеф на Одделот за владина ефикасност на администрацијата на Трамп, објави на „Икс“ дека неодговарањето на тие пораки ќе се смета за отказ.
„Согласно инструкциите на претседателот Доналд Трамп, сите вработени во федералната администрација наскоро ќе добијат имејл со барање да одговорат што работеле минатата недела. Неодговарањето ќе се смета за отказ“, напиша Маск.
Consistent with President @realDonaldTrump’s instructions, all federal employees will shortly receive an email requesting to understand what they got done last week.
Failure to respond will be taken as a resignation.
— Elon Musk (@elonmusk) February 22, 2025
Милијардерот за ова објави само неколку часа откако претседателот Доналд Трамп напиша на неговата социјална мрежа Truth Social дека Одделот за владина ефикасност треба да биде поагресивен во своите обиди да ја намали и преобликува федералната администрација, во која работат 2,3 милиони луѓе.
Од саботата навечер, до вработените низ федералните агенции биле испратени мејлови, вклучително и до Комисијата за хартии од вредност, Националната управа за океани и атмосфера, Центрите за контрола и превенција на болести и други институции, со наслов „Што направи ти минатата недела?“.
Пораките, до кои дојде Ројтерс, бараат од вработените да одговорат на пет точки на прашањето „што сте постигнале на работа минатата недела?“
Пораката е испратена од адреса за човечки ресурси од Канцеларијата за управување со персонал, а на вработените им се дава рок до 23:59 часот во понеделник да одговорат.
Нејасно е каква правна основа има Маск да ги отпушти федералните работници доколку не одговорат на неговото барање и што би се случило со вработените кои не можат да ја опишат својата работата бидејќи таа е доверлива.
Некои вработени во федералното правосудство ја добиле е-поштата во саботата, иако судскиот систем не е дел од извршната власт, велат луѓе запознаени со ситуацијата. Административната канцеларија на судовите на САД, административната страна на судството, засега не коментира.
Работниците во Бирото за финансиска заштита на потрошувачите, исто така, ја добиле пораката.