
Американскиот сенатор го обвинува Израел дека намерно ја поткопал дипломатијата со Иран
Американскиот сенатор Берни Сандерс остро ја осуди израелската воена офанзива врз Иран, обвинувајќи го премиерот Бенјамин Нетанјаху дека со унилатералниот напад ја саботирал шансата за мирно решавање на иранското нуклеарно прашање.
Препорачано
„Нетанјаху ја започна оваа војна со напад на Иран. Со тоа ги уништи американско-иранските преговори и го уби Али Шамхани, главниот ирански преговарач“, изјави Сандерс во еден од своите најостри настапи досега против израелскиот премиер.
САД не смеат да бидат соучесник
Сандерс, кој важи за еден од најгласните критичари на израелската политика во американскиот Сенат, ја повика Белата куќа да остане настрана од, како што ја нарече, „нелегалната војна на Нетанјаху против Иран“.
Тој најави и законска иницијатива со која би се забранило користење федерални средства за било каква воена интервенција во или против Иран без претходно одобрение од Конгресот, освен во случај на директна самоодбрана.
„Ќе предложам легислатива што ќе стави јасна граница – нема пари за уште една војна која не е наша и за која нема демократска контрола“, изјави тој.
Нетанјаху саботираше преговори со нападот
Сандерс нагласи дека нападот на Израел дојде буквално во момент кога биле закажани нови преговори меѓу САД и Иран во Маскат, што според него покажува дека целта не била безбедност, туку спречување на дипломатско решение.
„Разговорите беа договорени за недела. Но Нетанјаху реши да нападне, знаејќи точно што ќе предизвика“, рече тој.
Сенаторот од Вермонт предупреди дека одлуките на израелската влада може да ја втурнат Америка во уште една долготрајна и деструктивна војна на Блискиот Исток, без јасна стратегија, меѓународна поддршка или домашен консензус.
Повици за преиспитување на американската поддршка
Сандерс веќе подолго време бара поинаква надворешна политика на Вашингтон кон Израел и Блискиот Исток. Тој претходно повика и на суспензија на американската воена помош за Израел, предупредувајќи дека тоа ја охрабрува агресијата наместо да поттикнува мир.
„Не смееме да дозволиме Нетанјаху да не турка во нова војна“, заврши Сандерс, потенцирајќи дека само преку дипломатија и одговорно лидерство може да се избегне нов регионален конфликт со глобални последици.