Фото: EPA-EFE/Danish Defence Command

Американски новинар: Бајден наредил да се минира гасоводот „Северен тек 2“

Американскиот истражувачки новинар-ветеран Сејмур Херш на неговиот блог објави дека спровел истражување во кое открил докази за американска вмешаност во експлозиите на руско-германскиот гасовод „Северен тек 2“ минатата есен.

Според Ројтерс, Херш во написот, повикувајќи се на неименуван извор, наведува дека одлуката за минирање на „Северен тек 2“ ја донел самиот американски претседател Џозеф Бајден.

Според него, Бајден го сторил тоа девет месеци откако разговарал со претставници на администрацијата кои се занимаваат со националната безбедност, Џејк Саливан, државниот секретар Ентони Блинкен, потсекретарот за политички прашања Викторија Нуланд и други.

Белата куќа во средата соопшти дека извештајот на Херш е „целосно лажен и целосна измислица“.

„Ова е целосно лажна информација и целосна фикција“, рече Адриен Вотсон, портпаролка на Советот за национална безбедност на Белата куќа. Истото го изјави и портпаролот на Стејт департментот.

Москва постојано повторуваше, без да обезбеди докази, дека Западот стои зад експлозиите што ги погодија гасоводите „Северен тек 1 и 2“ во септември минатата година – инфраструктурни проекти од повеќе милијарди долари кои носеа руски гас до Германија под Балтичкото Море.

Западните власти, пак, ги отфрлија обвинувањата.

„Белата куќа сега мора да ги коментира сите овие факти“, рече Портпаролка на Министерството за надворешни работи на Русија Марија Захарова во објавата на нејзината страница на Телеграм, каде што ги сумираше главните тврдења на Херш во врска со наводната вмешаност на САД.

Службите од Шведска и Данска – во чии зони се случија експлозиите – рекоа дека пукнатините се резултат на саботажа, но не кажаа кој според нив е одговорен. САД и НАТО го нарекоа инцидентот „чин на саботажа“.

Русија рече дека тие земји „имаат што да кријат“ и намерно ја блокираат Русија да спроведе истрага.

Изградбата на гасоводот „Северен тек 2“, чија намена беше да ја удвои количината на гас што Русија може да ја испрати директно до Германија под морето, беше завршена во септември 2021 година, но никогаш не беше пуштен во употреба, откако Берлин ја повлече својата сертификација само неколку дена пред Москва да испрати свои војници во Украина во февруари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот