
„Амбасадорка на еден ден“: Конкурс на Амбасадата на Шведска за девојки над 15 години
Сите девојки над 15 години, кои се грижат за родовата еднаквост, еднаквите можности за жените и девојките, како и за ставање крај на насилството врз жените и девојките имаат можност преку конкурсот на Амбасадата на Шведска во Скопје да бидат „Амбасадорка на еден ден“.
Препорачано
Како што информираат од Амбасадата, од кандидатката се очекува да ја следи амбасадорката во текот на целиот ден, да присуствува на состаноци, да соработува со персоналот на Амбасадата и да учествува во целокупните дневни активности на Амбасадата.
На крајот од работниот ден, ќе треба да даде краток извештај за работата што ја завршила. Работното време ќе биде од 08:30 со 16:30 часот.
Сите заинтересирани кандидатки може да се пријават до 10 ноември, на електронската пошта: [email protected], и да достават мотивациско писмо, кратка биографија, како и писмена согласност од родителите за девојчиња на возраст од 15- 18 години.
Кандидатката која ќе биде избрана, ќе биде известена во текот на декември, а од неа се очекува да ги изврши своите должности во текот на Денот на жената – 8 март.
Амбасадата на Шведска во Скопје го распиша овој конкурс како дел од глобалната иницијатива #GirlsTakeOver, според која девојките заземаат позиции на моќ по повод 11 октомври – Меѓународниот ден на девојките.