
Амар од Босна дошол во Хрватска за да работи, но брутално го убиле за да му го земат „БМВ“-то
34-годишниот Амар Софиќ од босанскиот град Зеница дошол во Хрватска за да спечали. Него познаниците го опишуваат како „добродушен електричар“ кој немал проблеми со законот и бил примерен граѓанин. Но, во суров и брутален случај, Амар бил убиен поради неговиот автомобил „БМВ“, кој убиецот ѝ го подарил на 31-годишна жена со која бил во врска, пишуваат хрватските медиуми.
Препорачано
По десет месеци истрага, покренато е обвинение против Јуре У. (24), за тешко убиство, додека 31-годишната жена која знаела сè и, под неверојатни околности, си го префрлила на свое име „БМВ“-то на Амар, ќе одговара за фалсификување исправа или потврда за невистинита содржина и непријавување на убиството.
Според сомневањата на полицијата, убиецот прво го зашеметил Амар со алкохол и апчиња, потоа го удрил по главата и го фрлил во реката Купа, со цел да го присвои неговиот автомобил „БМВ“ – не за себе, туку за 31-годишната жена, која ја префрлила колата на свое име на денот на убиството.
„Обвинението го товари 24-годишниот обвинет дека на почетокот на ноември 2024 година, во областа на Карловац, со намера да убие 34-годишниот државјанин на Босна и Херцеговина и за да му го одземе личниот автомобил, прво ја довел жртвата во состојба на зашеметеност и беспомошност, по што ја удрил неколку пати по главата и телото и ѝ нанел особено тешка повреда. Потоа жртвата завршила во состојба на зашеметеност и со повреди во реката, каде што се удавилаа. Обвинетиот потоа го зел и го задржал личниот автомобил на жртвата“, тврди Обвинителството на Карловац.
Оттаму додаваат дека „обвинението ја товари обвинетата, 31-годишна хрватска државјанка, дека истиот ден, откако го презела договорот за купопродажба на моторно возило во сопственост на жртвата од 24-годишниот обвинет, иако знаела дека тој е убиен и дека не го потпишал договорот, го доставила со лажната содржина до надлежниот орган како купувач со цел пренос на сопственост. Овластеното лице, без да се сомнева во ништо, го префрлило сопствеништвото на автомобилот на нејзино име. Таа е обвинета и дека, иако дознала дека првообвинетиот извршил кривично дело тешко убиство врз 34-годишен државјанин на Босна и Херцеговина, таа не го пријавила тоа“.
24-годишниот убиец е во притвор од денот кога е уапсен, а тој од претходно бил баран од полицијата за серија кражби.