Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Алергија на плата

Откако им успеа да спречат малку повисок минималец, периодот до март догодина, кога треба се случи неговото редовно зголемување, Владата и работодавачите сега го користат, папагалски оправдувајќи се дека секое ад хок зголемување на минималната плата без детална економска анализа можело да донесе „сериозни последици за граѓаните“

Македонските газди станаа пречувствителни. А ги прашаш нешто во врска со платите, почнуваат да се црвенеат и да се врткаат како нешто да ги чеша. Покажуваат клинички симптоми на алергија и тоа не каква било, туку алергија на плата. И додека работниците во земјава голораки јуришаат против секојдневните поскапувања, дел од експертите, но и од Владата, мавтаат со флоскулата дека инфлацијата растела бидејќи многу сме трошеле!?

Дали треба да им честитаме што со разни трикови успеаја да го спречат вонредното зголемување на минималната плата и да нè остават на дното во регионот. Притоа се служат со најподмолното оправдување дека работниците во земјава се непродуктивни (народски кажано мрзеливи) и треба да бидат задоволни со трошките што им се фрлаат. Срамота е да се помисли, а не пак јавно да се каже дека сме требале да научиме дека треба да работиме за да земаме плата…

И ова според Сојузот на синдикатите, е најголемата манипулација на Владата и на стопанствениците, со акцент дека работниците се продуктивни толку колку што се платени.

Откако им успеа да спречат малку повисок минималец, периодот до март догодина, кога треба се случи неговото редовно зголемување, Владата и работодавачите сега го користат, папагалски оправдувајќи се дека секое ад хок зголемување на минималната плата без детална економска анализа можело да донесе „сериозни последици за граѓаните“.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши отиде и понатаму, па мрачно прогнозираше дека „брзоплетото зголемување на минималецот ќе предизвикало притисок врз малите и средни претпријатија – столбот на домашната економија“, што „директно ќе резултирало со отпуштања работници и раст на цените“. Според Дурмиши, сегашниот систем за пресметка на минималната плата, кој се базира на 50 % од зголемувањето на претходната плата и корекција според трошокот на животот, бил усогласен со синдикатите и ја штител економијата и работниците од непредвидливи ризици!

И новиот претседател на Сојузот на стопански комори кој го окарактеризира недостигот од квалификувана работна сила како проблем број 1 во македонската економија, за малку ќе успееше во намерата да избегне да го поврзе со ниските плати. Но, потоа со тешко срце призна дека имало врска, но тоа било само мал дел од проблемот. Ѓорѓиевски потенцира дека морало да има одржлив баланс кога станува збор за платите и дека работната сила е најголем ресурс и мора да се најде баланс, но и дека треба да се води сметка да не се наруши ликвидноста на компаниите. Тој смета дека секое зголемување на минималната плата води кон спирала на покачувања во сите сектори, а најголемиот дел од малите и средни претпријатија не можат да го издржат тој товар. За жал, не кажа како работниците ќе го издржат товарот наречен „непокачување на минималната плата“. И повторно се повика на фактот дека е неопходно покачување на продуктивноста.

И додека другите два репрезентативни синдикати, кои здушно се бореа да влезат во Економско-социјалниот совет, сега молчат за платите на работниците, од ССМ јасно и гласно велат дека целта на Владата и на работодавачите е преку изговорот за ниска продуктивност да нема зголемувања на платите во наредниот период. Според нив, работниците продуктивноста ја мерат различно од тоа како ја мерат и во Владата и како ја мерат работодавачите, бидејќи работникот го вложува својот труд за да ја заработи својата плата, да заработи за својот работодавач и да заработи за функционерите и често се прашува колку се продуктивни функционерите со 79 % зголемени плати, колку се продуктивни стопанствениците и дали тие за својата речиси никаква продуктивност го обвинуваат работникот.

А дека се во право, покажа и нивното истражување дека во 2022 година, кога минималната плата се зголемила од 15.194 на 18.000 денари, се отвориле 7.062 фирми, а избришани или затворени биле 5.694. Истото се случило и со наредните зголемувања на минималецот во 2023 и 2024 година, односно бројот на новоформирани фирми бил за два до три пати поголем од оние што се затвориле. И затоа сугерираат дека секое зголемување на минималната плата е придобивка, а не закана за економијата и ги побиваат ставовите на газдите и на одредени експерти, кои беа прилично гласни за да го спречат растот на платите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот