
Актерот Симеон Мони Дамевски е главен лик во новата македонска ТВ серија „Бистра вода“
Веќе дваесетина дена во Скопје и во околината се одвива снимањето на новата македонска играна серија „Бистра вода“ во продукција на „Синемон медија фактори“ и Алфа ТВ со сценарио, режија и продукција на Јани Бојаџи, а главната улога ја игра актерот Симеон Мони Дамевски.
Препорачано
Проектот „Бистра вода“ е започнат пред 12 години како идеја на Љупчо Тодоровски – Упа, Мони Дамевски, Јани Бојаџи и Владимир Карпузовски, а е развиван и подготвуван последниве неколку години. Серијата, на некој начин, е меморија во чест на содружникот Љупчо Тодоровски – Упа (1956 – 2021), кој не го дочека снимањето, а улогата што првично требаше тој да ја игра, сега ја има неговиот најблизок колега и пријател, македонскиот докажан актер и продуцент Симеон Мони Дамевски.
– Лајтмотив за серијата е народната песна „Бистра вода“, која со текот на годините имала повеќе модификации, но основата останала иста, а тоа е дека ја пеат жени. И приказната во серијата е поврзана со жените, со нивната мака, а во метафорична смисла – кога на човек му е бистра главата, полесно го наоѓа патот каде што треба да оди. Инаку, серијата е најавена како играна, бидејќи се снима со една камера, како филм, иако планот е да се прикажува на телевизија – објаснува актерот Мони Дамевски.

Според првичниот план на снимање, ќе се реализираат 12 епизоди од 50-ина минути. Актерската екипа што игра во серијата брои повеќе од сто актери. Меѓу нив се професионалци, зрели и докажани актери, како Дејан Лилиќ, Васил Зафирчев, Александар Микиќ, Роберт Вељановски, Јелена Жугиќ, Зоран Љутков, Владо Јовановски, Снежана Конеска Руси, Мето Јовановски, Горан Стојановски, Маја Љутков, Кети Дончевска Илиќ, Рубенс Муратовски, а од помладите се Дамјан Цветановски, Ирена Илиевска, Ана Јовановска и многу други.
Главниот лик во серијата, кој го игра Дамевски, е повратник од странство, човек кој по 45 години си доаѓа дома, но повторното обединување на семејството, ќе биде поврзано со убиство. Затоа серијата е најавена како трилер со сериозни елементи на крими драма.
– Приказната е поврзана со враќање назад во времето и откривање на мотивите зошто главниот лик си заминал од земјата пред 45 години, а притоа се открива и кој е убиецот во актуелниот миг. Станува збор за една мистерија која е спакувана во семејни рамки – дообјасни Дамевски.
Голем дел од серијата се снима во Скопје и во околината, но планирани се и снимања низ државата во природен амбиент, како и во неколку македонски манастири, а бидејќи во приказната се појавуваат и ликови на бизнисмени, ќе има снимања и во Женева. Според продукцискиот план, предвидено е снимањата да завршат до крајот на јули, а емитувањето на серијата се најавува за средината на септември годинава на телевизија Алфа.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 134, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 јуни 2022)