Димитрија Доксевски

Актерот Димитрија Доксевски е нов директор на фестивалот „Браќа Манаки“

Актерот Димитрија Доксевски на денешното свечено Собрание на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) е избран за нов директор на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, соопштија од фестивалот.

Според статутот на ДФРМ, мандатот на Доксевски важи за следните две изданија на „Браќа Манаки“.

Доксевски ја презентираше предлог програмата на фестивалот и се заложи дека ќе работи на зачувување на реномето што го има овој интернационален фестивал на филмска камера, соопшти ДФРМ.

Тој е македонски филмски и театарски актер, сценарист и продуцент, роден на 28 јули 1983 година во Скопје. Дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2006 година во класата на проф. Кирил Ристоски, а во 2014 година магистрирал режија на истиот факултет во класата на проф. Слободан Унковски. Својата професионална кариера ја започнал во Македонскиот народен театар во 2006 се до 2011. Продолжил кратко да работи во Кумановскиот театар во прериодот од 2011 до 2013, по што во 2014 година се приклучил на ансамблот на Драмски театар Скопје и се до денес е активен член на тој театар. Покрај настапите на матичната сцена, Доксевски има учествувано и во претстави на други театарски сцени низ Македонија, како и во филмски и телевизиски проекти во и надвор од Македонија.

Доксевски учествувал во организирање и продуцирање повеќе театарски претстави, организирање на повеќе од 20 музички настани со артисти од целиот свет, продуцирање и организација на 2 големи музички (open air) фестивали со повеќе од 20 интернационални изведувачи, продуцирање и реализација на кратки филмови, играни видеа за деца и театарски претстави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот