
Ако нема цистерни, дел од граѓаните и во 21 век не може да се напијат вода
Околу 60 отсто од пивката вода се губи поради лошата водоводна структура
Со 7,5 милиони швајцарски франци ќе се модернизира водоводната мрежа, ќе се подобруваат водоводни услуги и ќе се намалуваат финансиските загуби во седум јавни комунални претпријатија во Кочани, Радовиш, Берово, Виница, Куманово, Битола и во Струмица. Позитивниот ефект од пречистителните станици и потребата од поголема финансиска одржливост на овие претпријатија се причините поради кои Швајцарија ја продолжува финансиската поддршка.
Препорачано
Проектот ќе чини 7,5 милиони швајцарски франци, од кои нашата држава обезбедила 1 милион, а останатите средства ги обезбедува Швајцарија. Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека средствата ќе се искористат за водоводни системи во најпогодените општини со дотраени мрежи и проблеми со водоснабдувањето. Инаку, 60 отсто од пивката вода се губи поради лошата водоводна структура.
– Искористувањето на нови можности за обезбедување одржливи услови за водоснабдување стана неопходно и итно. Во изминатите недели, граѓаните на некои населени места почувствуваа што значи да немаш вода 24 часа на ден. Тоа не се случи само поради зголемената потрошувачка на вода поради високите температури, туку и поради големите загуби на вода во системот – изјави Вероника Улман, амбасадорка на Швајцарија.
Според последниот попис на Државниот завод за статистика, Виница има помалку од 20 илјади жители, а граѓаните се соочуваат со недостиг од пивка вода. Филтер-станицата е изградена и пуштена во употреба во 1992 година. Во летниот период пресушуваат изворите, па неопходно е да се инвестира во нови извори и мини акумулации. Само една третина од градот е опфатен со атмосферска канализација, Околу 45 отсто се загубите на вода и во Куманово, а причина се честите дефекти на водоводната мрежа.