Шведска маса/ Фото: Wikimedia Commons

Ако не изедете сè што сте ставиле во чинијата, ќе платите казна

Чинија полна со храна, но помалку апетит од очекуваното – многу гости го преценуваат сопствениот глад кога се служи на шведска маса „изедете колку што можете“. Она што останува обично завршува во ѓубре. Сè повеќе ресторани во Дортмунд се борат против ова со едноставен пристап: оние што нема да го изедат она што го нарачале, плаќаат казна.

„Дисциплинарното евро“ на шведската маса се покажа како ефикасна мерка“, рече Торстен Гебехарт од Синдикатот за храна, угостителство и услуги од Дортмунд (NGG) во соопштение за медиумите.

„Благодарение на казните, рестораните се во можност значително да ја намалат количината на храна што ја фрлаат. Сè повеќе угостители ја прифаќаат оваа практика- вели тој.

НГГ Дортмунд во принцип го поздравува воведувањето казни, но исто така ја нагласува потребата од пофер распределба на средствата.

„Парите од казните не треба да завршат исклучиво во џебовите на сопствениците на ресторани“, нагласува Гебехарт. Важно е, додава тој, и готвачите и келнерките да имаат корист од тоа. Дел од собраните средства, предлага НГГ, би можеле да се донираат во добротворни цели – на пример, на организацијата „Леб за светот“ – пишува Блиц.

Проблемот е реален: ако еден ресторан троши неколку стотици евра неделно за храна што се фрла, тоа е штетно и за животната средина и за бизнисот. Според претставниците на синдикатот, овие пари би можеле да се инвестираат многу помудро – во повеќе вработени или повисоки плати.

Според Рур Нахрихтен, ресторанот „Лахуху“ во квартот Унионфиртел во Дортмунд веќе ја спроведува оваа практика – наплаќа по 3 евра за секои 100 грама храна оставени во чинијата. Гостите се информирани однапред за оваа политика преку известувања прикажани во ресторанот. Целта е активно да се намали отпадот од храна.

Бројките зборуваат сами за себе: според германското Сојузно Министерство за земјоделство и храна, во Германија секоја година се фрлаат 10,8 милиони тони храна. Угостителскиот сектор – вклучувајќи ги рестораните – е одговорен за околу 18%, или 2 милиони тони.

Директорот на НГГ ги смета казните за корисен стимул за размислување. Храната како месо, риба, овошје и зеленчук е вредна и е резултат на напорите на многу луѓе. Време е, заклучува тој, да почнеме да го цениме она што го јадеме дури и кога посетуваме ресторани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот