Акциски план со кој ќе се унапредат правата на затвореничките, препорача КСЗД

Управата за извршување санкции треба да подготви Акциски план со активности и извори на буџетирање за адаптирање, реконструкција или конструкција на установи од полуотворен и отворен вид за жени осуденички, препорача Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Според Комисијата, оваа потреба е предизвикана од фактот што жените осудени на казна затвор од целата територија на државата се упатуваат на издржување на казната затвор во КПУ Идризово, како единствена казнено-поправна установа во државата каде постои посебно одделение за жени.

Земајќи ја предвид важечката регулатива, односно фактот што жените својата казна затвор можат да ја издржуваат единствено во КПУ Идризово, установа која е од затворен вид, се доаѓа до заклучокот дека женските осудени лица се ставени во понеповолна положба во однос на машките осудени лица, велат од Комисијата.

Мерките и дејствијата предвидени со оваа општа препорака, како што наведуваат, треба да обезбедат жените, упатени на издржување затворска казна, да можат, на еднаква основа како и мажите, да прогресираат во казнено-поправните установи со издржан дел од казната затвор, согласно член 220 од Законот за извршување на санкции и соодветните одредби од Правилникот за времето што треба да го помине и условите што треба да ги исполни осуденото лице во установа од определен вид или во соодветно одделение на установа од општ вид.

Имено, моментално Правилникот, иако претставува неутрален пропис, воопшто не се применува на жените кои издржуваат казна затвор од причина што во земјата не постојат установи од полуотворен и отворен вид наменети за жени осуденички каде тие би можеле да бидат упатени на издржување на казната затвор, или во кои подоцна би можеле да прогресираат, како што постојат за мажите, велат оттаму.

Според нив, кога станува збор за прогресирање во друга, полиберална установа, истото е оневозможено за жените, од причина што друга установа за издржување казна затвор за жени во државата не постои.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот