Академик Таки Фити / Утрински брифинг
Академик Таки Фити / Утрински брифинг

Академик Фити: Македонија не е целосно подготвена за европскиот пазар

Кога се зборува за подготвеноста на Македонија за комплетен влез на европскиот пазар, според академик Таки Фити, земјава е во предност во однос на макроекономската стабилност иако сега инфлацијата малку го наруши тој статус, бизнис климата, како и во усвојување на информациско-комуникациските технологии, а најслаба е во доменот на институциите.

Пред почетокот на научната конференција на тема „Забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ: Клучни предизвици и приоритети“ во организација на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ во МАНУ во соработка со Министерството за финансии и Секретаријатот за европски прашања, Фити, одговарајќи на новинарски прашања говореше и за слабостите на Македонија.

– Имаме сериозни слабости во системот на образование, на сите степени и ако го гледате високото образование работите се вратени и се во полоша ситауција од раните транзициски години. Кризата со ковид-19 ги покажа слабостите на здравствениот систем. Имаме проблеми со иновациската политика која е во својот зародиш – изјави Фити.

Според него, многу е значајна и регионалната соработка поради близината, иако тоа не може да биде замена за членство во ЕУ. Сепак, како што изјави, интензивирањето на регионалната соработка, го забрзува процесот на пристапување кон ЕУ.

Што се однесува до конкурентноста, Фити оценува дека Македонија и мнопги скоро да влезе во ЕУ ќе има големи проблеми, бидејќи во однос на конкурентноста сме дури на 82 место меѓу 141 земја, а кај продуктивноста имаме исклучително лоша ситуација мерено по сите индикатори и по БДП по работник и по новокреирана додатна вредност по работник и кај вкупната факторска продуктивност. Тука заостанувањето е меѓу 2,5 и 4 пати во однос на европскиот просек, без споредба со високоразвиените земји.

Во однос на темата на денешната конференција во МАНУ тој најави дека во економскиот дел има 18 теми и околу 30 учесници а ќе се расправа најпрво за клучните економски критериуми за забрзување на пристапувањето на Македонија во ЕУ, посебно за продуктивноста, конкурентноста како две области во кои имаме многу сериозни проблеми на патот кон ЕУ, а ќе се отворат и многу други теми како фискалните предизвици во европски контекст и тоа на централно и на локално ниво, како и проблемите на економскиот раст и развој, состојби, пречки, перспективи.

– Исто така има многу важна тема за која ќе расправаме, конвергенцијата, односно приближувањето кон стандардите на ЕУ, на висината на доходот и ценовната конвергенција, а на агендата е и зелената или еколошката транзиција – додаде Фити.

Академиците препорачуваат трудовите кога ќе ги подготват, што ќе бидат објавени во посебен зборник, место заклучни согледувања, да содржат конкретни, јасни препораки до креаторите на политиките што е она што треба да направиме. Зборникот, како што кажа Фити, ќе биде доставен и до Владата и ќе биде добра основа за формирање експертски тим, кога ќе се отвори процесот на преговарање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот