АХВ воведе мерки за заштита од чума кај малите преживари и за Косово

По добиената официјална потврда од Агенцијата за безбедност на храна на Република Косово за прв случај на болеста чума кај малите преживари во оваа земја, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска донесе Решение за забрана за увоз и транзит на живи домашни и диви мали преживари, семе, јајцеклетки и ембриони од домашни и диви мали преживари, месо од домашни и диви мали праживари, производи и преработки од месо од домашни и диви мали преживари, млеко и производи од млеко од домашни и диви мали преживари, како и нуспроизводи од домашни и диви мали преживари во Република Северна Македонија и од Република Косово.

Во сила е и Решението за забрана за увоз од Република Албанија кое неодамна го донесе АХВ, каде досега се потврдени неколку жаришта на болеста.

-На дневна основа ја следиме состојбата со болеста чума кај малите преживари. Со цел заштита од внесување на вирусот на болеста, зачувување на статус земја слободна од болеста и извоз на живи животни, месо од овци и кози и нивни производи во Европската Унија, превентивни мерки се преземаат уште од 2024 година, од неодамна се воведени мерки на засилен надзор на болеста долж пограничниот појас на граница со Албанија, а исти вакви мерки за пограничните региони, ќе се воведат и кон Косово. Особено засилена е контролата на евентуално илегално движење на животни и забрана за движење на животни меѓу населените места лоцирани во пограничните појаси, за што, за потврдата на првото жариште во соседно Косово известени ќе бидат и МВР, Царинската управа и другите надлежни државни органи – наведува АХВ.

Заради намалување на ризикот од појава и проширување на болеста, АХВ ги извести ветеринарните друштва и официјалните ветеринари за спроведување на засилен надзор на одгледувалиштата со овци и кози и пријавување на секој сомнителен случај на болеста, а со одгледувачите на ситен добиток во тек се информативни трибини за запознавање со симптомите на болеста и нивно полесно препознавање. Одржани се неколку координативни состаноци со претставници на Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, националните паркови, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Шумска полиција и други надлежни органи.

-АХВ е во постојана комуникација и соработка и со Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, Ветеринарната комора, ветеринарните друштва, одгледувачите на животни и официјалните ветеринари, на состаноците укажувајќи за обврските во однос на спроведување на активности за рано откривање на болеста чума кај мали преживари. Упатен е апел одгледувачите веднаш да пријават до ветеринарните друштва и официјалните ветеринари доколку забележат појава на симптоми на болеста, дури и кај едно животно. Сточарите, секоја промена во однесувањето на животните (зголемена температура, намален апетит, промени на очи, нос, уста и сл.) веднаш да ги пријават до ветеринарните друштва и официјалните ветеринари. Исклучително внимателни да бидат и да не се обидуваат да ги лекуваат животните сами – информира Агенцијата.

Апелира, доколку има угинувања на животни на фармите, да не се прикриваат, туку задолжително да се пријават.

-Од фармите каде некое од животните ќе покаже симптоми на болеста, не смее да се изнесуваат животните, производи од животинско потекло, опрема, измет и ѓубре. Во случај на сомнеж или потврда на болеста ќе се применуваат мерките од Планот за итни мерки и оперативниот прирачник за чума кај малите преживари на Агенцијата за храна и ветеринарство. Со Планот и оперативниот прирачник се уредуваат постапките и активностите кои треба да се спроведат и применуваат согласно Законот за ветеринарно здравство и Одлуката за планови за итни мерки кај животните. Со овие документи се овозможува ефикасно и ефективно спроведување на мерките за заштита и контрола на приемчивата популација животни–овци и кози, како и брза процена за ограничување или отстранување на ризикот за внес и ширење на вирусот – потенцира АХВ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот