
Ужас во познато езеро во Германија: Агресивен сом нападна и касна човек, предупредени пливачите
Агресивен сом повторно нападна пливач во езерото Бромбах во Средна Франконија, Германија. Само пред две недели, сом долг два метри нападна пет лица. Рибата беше убиена од полицаец со службено оружје, објавува „Билд“.
Препорачано
Овој пат, сомот „нападнал“ 69-годишен маж кој пливал во езерото во среда на температури од над 30 степени Целзиусови. Додека човекот пливал, сомот одеднаш го каснал за рака.
Пливачот успеал да се ослободи и да стигне до брегот во близина на Абсберг во Баварија, каде што му била укажана лекарска помош.
„Тој претрпе полесни повреди и гребнатинка. Големината на животното не може да се утврди“, изјавила полицијата за „Билд“.
По инцидентот, платформата за пливање беше отстранета од водата и оградена од безбедносни причини.
Окружната администрација сега користи длабинска сонда за да го провери езерото за места за мрестење риби. Потоа, областите ќе бидат затворени за пливање како мерка на претпазливост.
Пет лица повредени пред неколку дена
Претходниот инцидент се случи на 20 јуни, кога пет лица беа повредени од каснувања. Полицаец на крајот пукаше во сомот со својот службен пиштол. Причината беше што затворањето на областа не би било можно за континуиран надзор. Според полицијата, ризикот од паника и давење на пливачите поради каснувања би бил преголем.
Организацијата за права на животните ПЕТА остро го осуди убивањето на сомот пред две недели.
Рибата од 90 килограми подоцна беше извлечена од езерото и заврши на чинија. Сопственикот на ресторанот ја понуди поделена на 120 порции во неговото мени.
Ниското ниво на водата како причина за нападот?
Според Андреа Махер од здружението на рибари во регионот, фактот дека вториот сом нападнал луѓе е поврзан со моменталното ниско ниво на водата во езерото Бромбах и сезоната на мрестење на овие животни.
„Рибите немаат соодветни места покрај брегот каде што можат да ги положат своите јајца. Затоа, сомот ги положува своите јајца под платформите за пливање и ги брани“, додал експертот.