
Агенцијата „Клипинг“ што го доби владиниот тендер за софтвер за оценка на медиумското влијание, вели дека нема да прави оценки на содржините
Агенцијата „Клипинг“ која го доби тендерот на Службата за општи и заеднички работи на Владата за набавка на софтвер за оценка на медиумското влијание и претворање на говор во текст, за „Слободен печат“ појаснува дека со услугите што тие ги даваат во овој тендер нема да се оценуваат медиумските објави како „позитивни“, „негативни“ и „неутрални“. Но, оставена им е можност на владините институции да прават свои дополнителни анализи. Со договорот што минатата недела беше потпишан меѓу „Клипинг“ и Службата за општи и заеднички работи на Владата, според агенцијата тие нема да оценуваат содржини туку единствено овозможуваат корисникот според клучни зборови интегрално да ги добива објавените, јавно достапни медиумски објави. Склучениот договор за период од 1 година е вреден 430 илјади евра.
Препорачано
Најнапред, многу е важно да се направи дистинкција помеѓу услугите опфатени со овој договор, како и да се појаснат што точно значат. Прес клипинг претставува преглед на медиумско покритие. Односно, каде и колку одредена информација била застапена во медиумите (во квантитативна смисла, бројчано), а со тоа и пренесена кон пошироката јавност. Суштински, тоа значи дека оваа услуга која ја нудиме е можност секој корисник во било кое време да има увид, по личен избор на теми односно клучни зборови, каде и во колкав обем биле споделени во јавноста преку медиумите, велат од „Клипинг“ за „Слободен печат“.
Оттаму додаваат дека имајќи ја предвид важната улога на медиумите и новинарите кои се врска во брзото и точното информирање, со оваа услуга, која овозможува преглед на објави, корисникот може брзо, речиси во реално време да има сознание за публикувани информации кои му се од интерес, а кои понатаму по сопствена желба или потреба може да си ги третира (слично како што тоа го прават агрегаторите, но со поголем обем).
Ова значи дека ние како давател на услуга, преку софистициран софтвер, кој меѓу другото има можност говорот да го конвертира во текст (за да не мора да се следат тв и радио програми постојано), на корисникот исклучиво му овозможуваме да добие статус дали и каде некоја информација е објавена. А понатаму, анализи и друг тип на оценки, корисникот може да си прави сам, по потреба. Ние тоа во рамки на овој договор не го правиме. Во врска со бројот на корисници, со договорот се опфатени сите владини министерства, без исклучок и сите поголеми владини претпријатија и институции, или околу стотина корисници. Сите тие ќе добиваат преглед на објавени информации, по нивен избор на темите односно клучните зборови и секако, ќе ги добиваат објавите интегрално како што се публикувани и потпишани од новинари. За да појасниме, оваа услуга овозможува еден корисник наместо да „трча“ по медиумите (интернет, печатени медиуми, тв, радио,…), за да бара и пребарува јавно објавени информации на одредена тема, кои се секако потпишани од новинари, ние ја нудиме оваа можност како интегрирана услуга, велат од „Клипинг“.
Агенцијата „Клипинг“ е основана во 2008 година и е специјализирана за мониторинг на медиумски објави и медиумски анализи.
Како дел од групација која е водечка за следење на медиумски информации во Источна и Југоисточна Европа, во соработка со партнери создадовме техничка можност со која нудиме услуги за брзо и ефикасно интегрално добивање на јавно достапни медиумски публикации до корисниците, по нивен личен избор на теми односно клучни зборови. Во пракса, наместо корисникот сам да пребарува одредена јавно достапна информација објавена во медиумите, за што ќе му треба многу време и ресурси, нашиот тим го прави сето тоа побрзо и поефикасно. Дополнително, по барање на наши корисници, вршиме и анализи на медиумските објави, појаснуваат оттаму.
Велат дека како дел од групацијата со повеќе од 30 години активна работа, опслужуваат над 100 влади, министерства и институции и над 5 илјади комерцијални и некомерцијални клиенти ширум Европа.
Активен член сме на Интернационалната Федерација за клипинг услуги (FIBEP – Federation Internationale des Bureaux ‘Extraits de Presse), преку која ги следиме и ги применуваме највисоките стандарди во индустријата. Исто така, дел сме и од Интернационалната асоцијација за мерење и евалуација на комуникацијата (AMEC – International Association for the Measurement and Evaluation of Communication), глобален лидел во поставување стандарди и развој на иновативни решенија во мерењето на комуникациските ефекти, велат од „Клипинг“.