Урсула фон дер Лајен Фајзергејт фото EPA-EFE

Аферата „Фајзергејт“ може да значи крај за шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен

Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, се соочува со сериозна институционална и лична криза, додека Европскиот суд на правдата оваа недела донесува пресуда за познатата афера „Фајзергејт“. Станува збор за серија текстуални пораки што Фон дер Лајен ги разменила со извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурл, за време на преговорите за најголемиот договор за вакцини во историјата на Европската Унија.

Одлуката на Општиот суд на ЕУ од пониско ниво, која се очекува во среда, би можела да има далекусежни последици врз стандардите за транспарентност во Брисел, но исто така би можела да го загрози вториот мандат на Фон дер Лајен на чело на Комисијата, кој започна во декември 2024 година.

Фајзер фабрика
EPA-EFE

Суштината на проблемот: Дали пораките се официјални документи?

Спорот е околу тоа дали текстуалните пораки, кога се однесуваат на официјална политика, можат да се сметаат за документи во смисла на правилата за транспарентност. Додека многу невладини организации, правни експерти и набљудувачи веруваат дека таквата комуникација треба да биде јавна, Комисијата тврди дека СМС-преписката не може да се третира како официјален документ.

Ситуацијата е дополнително правно сложена бидејќи Фон дер Лајен лично го одобрила мултимилијардерскиот договор со „Фајзер“, а во исто време ја водеше институцијата чија задача е да ги почитува и спроведува правилата на ЕУ, вклучително и оние за отчетност и отвореност на работата.

ЕУ во посета на фабриката Фајзер EPA-EFE/

Како започна сè? Њујорк тајмс и прашањето за невидливите пораки

Аферата ја иницираше Њујорк тајмс, кој во 2022 година ја тужеше Комисијата за одбивање да ја објави содржината на спорните пораки.

Постоењето на пораките беше потврдено претходно во интервју за овој весник, кога извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурл зборуваше за „длабоката доверба“ што беше создадена во директна комуникација со Фон дер Лајен, што ги олесни преговорите. Договорот беше финализиран во мај 2021 година и вклучуваше испорака на до 1,8 милијарди дози од вакцината „Фајзер-БиоНТек“.

Народниот правобранител, критиките и „културата на криење“

Уште во 2022 година, европскиот омбудсман Емини О’Рајли изјави дека одбивањето на Комисијата да побара пораки е „лош менаџмент“ и „повик за будење“. Во интервју за Политико, таа ја обвини Фон дер Лајен за сериозно назадување во транспарентноста под нејзино водство, велејќи дека е создадена „култура на задржување информации од политички причини“.

Таа особено ја критикуваше претседателката на Комисијата за тоа што не се појави на единственото рочиште одржано во случајот, нарекувајќи ја „слонот што не беше во собата“.

Урсула фон дер Лајен во посета на Фајзер EPA-EFE

Судски постапки и непријатни моменти

За време на рочиштето одржано во ноември во Луксембург, адвокатите на Комисијата конечно го признаа постоењето на пораките, предизвикувајќи потсмев од присутните и изрази на нетрпение кај судиите. „Не негираме дека пораките постојат“, рече адвокатот на Комисијата, Паоло Станканели.

Сепак, Комисијата тврдеше дека пораките не се релевантни за преговорите и затоа не се зачувани. Судиите изразија негодување поради неодговорените прашања: Дали Фон дер Лајен беше директно прашана? Дали нејзиниот телефон беше проверен? Кој одлучуваше што е важно, а што не?

Еден од судиите, Хозе Мартин Перез де Нанкларес, рече дека Комисијата не покажала „доволна грижа и труд“ во обидот да објасни зошто пораките не можат да се споделат со јавноста. Друг судија, Пол Нихул, рече дека случајот се води со „прилично збунувачка документација“.

Урсула фон дер Лајен EPA-EFE/OLIVIER HOSLET / POOL

Фон дер Лајен под зголемен притисок

Покрај овој судски случај, Фон дер Лајен е под истрага и од страна на Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO), која истражува потенцијални финансиски кривични дела поврзани со процесот на набавка на вакцини. Во март, главната европска обвинителка, Лаура Ковеши, потврди дека претставници на Комисијата веќе биле испрашувани за начинот на водење преговори со фармацевтската индустрија.

Комисијата се обиде да ја ублажи штетата наведувајќи дека „не ја негира размената на пораки со директорите на фармацевтските компании“, но дека тоа „не значи дека преговорите се воделе преку СМС-пораки“. Тие исто така тврдеа дека „транспарентноста е еден од клучните принципи на Комисијата“ и дека во последните години е постигнат „значаен напредок“.

Урсула фон дер Лајен EPA-EFE

Симболичен момент за ЕУ

Според „Транспаренси интернешнл“, претстојната пресуда што се очекува во среда би можела да стане симболична пресвртница за транспарентноста во ЕУ. Не се во прашање само СМС-пораките, туку и иднината на одговорноста и довербата во институциите што ги регулираат животите на милиони граѓани.

Иако Фон дер Лајен се обидува да ја балансира политичката контрола со функционалното управување во време на растечки националистички притисоци низ цела Европа, овој случај би можел да остане трајна дамка на нејзиното политичко резиме – особено ако судот пресуди против неа.

Затоа што, како што истакнаа адвокатите на „Њујорк тајмс“, дури и по три години и бројни барања, „сè уште не знаеме што се случило со телефонот на Фон дер Лајен, каде биле зачувани пораките и дали биле разменети преку лаптоп или друг уред“.

И покрај фактот дека Комисијата формално не го објавува напредокот на процесот, се очекува дека исходот од овој случај ќе има долгорочно влијание врз начинот на кој функционираат европските институции – и можеби ќе го редефинира поимот политичка одговорност во модерна Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот