Арбер Адеми/Фото: МИА

Адеми: Се прави обид на Европскиот фронт да му се одземат два пратенички мандати

Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ денеска соопшти дека со поднесени приговори до ДИК од други политички партии за нерегуларности на избирачки места во изборните единици 5 и 6 се прави обид да им се одземат два пратенички мандата.

Шефот на изборниот штаб на Европски фронт, Арбер Адеми на прес-конференција попладнево рече дека „постојат сериозни обиди со политички дил, со политички договор да има изборен инженеринг, да се поткопува демократијата и слободната волја на граѓаните и на легитимитетот“.

Другите политички партии врз основа на непринципиелен политички дил и договор и газејќи врз волјата на граѓаните, на оркестриран начин поднеле приговори за избирачки места во петтата и шестата изборна единица, иако не е констатирана ниту една неправилност додека траеше изборниот процес и по неговото завршување. А дека тоа е така се самите потписи на сите членови на избирачките одбори предложени од самите политички партии кои денеска и овие денови поднеле приговори. Целта е јасна – сакаат на Европскиот фронт да му одземат два пратенички мандати иако тие се резултат на чистата волја на граѓаните и на нивното слободно изразување, изјави Адеми.

Аргументи за тоа се, како што рече, што немало забелешк за неправилности во записниците потпишани од сите членови на одборите додека траел изборниот процес и по неговото завршување. Приговорите се однесуваат само за парламентарните избори, а не и за претседателските иако, се однесуваат за истите избирачки места. Трет аргумент, посочи Адеми, е тоа што приговорите се однесуваат за тие избирачки места каде што подносителот има повеќе гласови.

Адеми апелираше до Државната изборна комисија дека „има одговорноста за секоја нивна одлука“ за заштита на слободното изразување на гласачите и за демократските гласови на граѓаните. За тие, како што рече, „темни сценарија за изборен инженеринг кои се кривично дело“ ја информирале меѓународната заедница односно САД и ЕУ, НАТО, ОБСЕ и ОДИХР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот