Абази само со „голи“ бројки во борба со високата корупција

Шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази кој откако е избран има одржано еден брифинг со новинарите денеска се појави во Советот на јавни обвинители за да го презентира годишниот извештај на Обвинителството што го води, односно да каже што сработиле во 2023 година.

Ова Обвинителство беше формирано за да постапува по предмети поврзани со организираниот криминал и корупција, односно да ја истражува корупцијата кај високите функционери и ги наследи предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство, но Абази при презентацијата кажа само голи статистички податоци.

Не спомена ниту еден случај кој го воделе против висок функционер, ниту пак некое друго лице, единствено ги кажуваше делата за кои најмногу постапувале, а меѓу нив главни се споменуваа трговијата со дрога и криумчарење мигранти.

По презентацијата на извештајот Абази не сакаше да даде изјава со образложение дека наскоро ќе имало брифинг на обвинителството. На новинарски коментар дека во извештајот не беа презентирани постапки против високи функционери туку за криумчарење мигранти и трговија со дрога, Абази само кратко одговори „Е ако де. Тоа е. Здравје“.

Абази немаше конкретни податоци до каде се случаите што ги водеше поранешното Специјално јавно обвинителство, затоа што тие предмети добиле бројка и се водат како и сите други предмети, само рече дека обвинителите постапуваат по тие предмети и продолжуваат да ги застапуваат.

Со измените на Кривичниот законик со коишто беше укинат став пет од членот 353 што се однесува на злоупотреба на службената положба и овластувања, Абази кажа дека 11 предмети биле повлечени поради застарување, во три случаи имало преквалификација, седум решенија за кривична постапка биле отфрлени, а во три случаи судската постапка била запрена.

Се пофали дека минатата година имало повеќе кривични пријави, се гонеле повеќе лица. Против познати сторителите биле поднесени кривични пријави против 183 лица, против 461 лице, односно 10 отсто повеќе од претходната 2022 година. Против непознати лица поднесени се 35 кривични пријави, се гонеле 309 полицајци во 151 предмет.
И мерката притвор најмногу се барала за криумчарење на мигранти и трговија со дрога.

Освен зголемувањето на предметите, Абази се пофали и со конфискувањето на имот. Па така во 2023 година од предмети кои се воделе за перење пари и затајување данок со судски пресуди бил конфискуван имот во вредност од над 18 милиони евра.

Како и секоја година, но и во секое обраќање на обвинителите, Абази се пожали дека немаат доволно вработени, односно, според систематизацијата им фали една третина стручен кадар за што поднеле барања за вработувања до Министерството за финансии.

Изборот на Ислам Абази за кого за прв пат гласаа самите обвинители беше критикуван откако веднаш излегоа негови фотографии со лидерот на ДУИ и други високи функционери од партијата.

Во ова обвинителство беше отворен и случајот за предметот „Соравија“ за кој се постапува под допрен глас, а во кој се истражуваше внукот на Ахмети, Дрин Ахмети. На последниот и единствен брифинг со новинарите беше кажано дека овој случај е уште во предистрага.

За неговиот извештај сите членови на Советот гласаа „за“ и немаа некои крупни забелешки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот