А1 прослави 6 години: Конкуренцијата ќе ни биде дополнителен импулс

На телекомуникацискиот пазар се подготвува нов играч, унгарската телекомуникациска компанија „Фор ај џи“. Од А1 велат дека конкуренцијата е добредојдена за сите. Тие подготвија ново корисничко портфолио и најавија нов инвестициски циклус.

А1 профункционира пред шест години, а на денот на својот роденден најави ново корисничко портфолио, но и нови инвестиции. На телекомуникацискиот пазар, пак, се подготвува нов играч, унгарската телекомуникациска компанија „Фор ај џи“. Писмото со намери е предадено, но конечниот влез би се одобрил по изборите. Од А1 велат дека конкуренцијата е здрава работа и е добредојдена за сите.

– Конкуренцијата секогаш е нешто позитивно и таа ќе ни биде дополнителен импулс да бидеме уште подобри – рече Методија Мирчев, главен извршен директор на А1.
Тој посочи дека А1 секоја година промовира нешто ново за своите корисници. Годинава, нивната кампања за новите дигитални искуства ја нарекоа „Нешто чудесно“.

Мирчев истакна дека со над еден милион претплатници, компанијата го држи првото место на телекомуникацискиот пазар и дека тоа лидерство е голема одговорност пред корисниците, претплатниците и општеството.

– Во моментов влегуваме во еден сериозен инвестициски циклус, а тоа е проширување на нашите сервиси, на нашето портфолио – во делот на фиксниот интернет, оптичката инфраструктура, во делот на телевизијата. Дополнително, она што нè дефинира како лидер е и визијата и тука сме компанија што го менува телекомуникацискиот пазар со нови иновативни производи. Ние сме единствен ентитет во државата кој во своето портфолио ги нуди светските стриминг-платформи како Нетфликс, ХБО макс, Скај шоутајм и Глеј и сме двигател на комуникацијата меѓу телекомуникациската и осигурителната индустрија – рече Мирчев.

Елена Панова, директорка за маркетинг и дигитална трансформација, го промовираше новото корисничко портфолио како персонализирано решение, каде што корисниците може да го менуваат пакетот и да имаат увид во потрошеното и непотрошеното.

– Секој корисник е важен и секој корисник има различни потреби за услуги и затоа ние ја креиравме оваа понуда за максимална персонализација. Другиот фокус на оваа нова понуда е лојалноста за оние што во континуитет имаат договор со нас. Она што го нудиме во новото портфолио е и размена на гигабајтите. Гигабајтите добиваат вредност, а тоа значи секој корисник може да ги размени со буџет за нов телефон, стриминг-услуги, или со пакети за роаминг – рече Панова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!